Ford Mustang уште еднаш најпродаван спортски автомобил

Занимливости

Ford Mustang уште еднаш најпродаван спортски автомобил

Мускулестиот пони автомобил продолжува да го освојува светот со успешни продажни резултати

Објавено на 21 април 2020 година

По којзнае кој пат по ред, Ford Mustang освои уште една титула за најдобро продаван спортски автомобил. Со неа го круниса ланската продажба од 102 илјади возила пласирани во 146 земји низ целата планета. Со тоа се потврди исправноста на одлуката на Ford од 2015 година да го продава овој модел глобално. Дека му претстои голем успех тогаш покажа уште самото лансирање на иницијалната серија од 500 примероци во Европа, кои беа распродадени за само неколку минути. Пред тоа тој беше ексклузивно наменет само за Северна Америка и пар привилегирани пазари, каде исто така беше најпродаван спортски модел со децении наназад. Поточно уште од времето кога се појави, во 1965 година. Ford за него тогаш имаше желба да продава по сто илјади примероци годишно, ама стана автомобил кој секој сакаше да го има и уште првата година стигна до четири пати повеќе купувачи. Со тоа ја креираше таканаречената пони класа автомобили, која го дефинираше и самиот американски стил на живот. Колку длабоко нека посведочи фактот што се има појавено во скоро десет илјади филмови, телевизиски серии, емисии и музички спотови. Интересно е што првично беше замислен како двосед кој би се викал Cougar, но Ford уште во раната фаза на развој се откажа од тие идеи. Низ шесте генерации еволуираше во разни насоки и доживеа секакви трансформации, некои успешни други нешто помалку, за да од претходната се врати на исконскиот мускулест дизајн. Сегашната генерација во Соединетите Американски Држави се продава во вкупно 12 различни верзии, по цени кои започнуваат од 27 илјади долари.

клучни зборови: ,