Ford – Bronco

Занимливости

Јамб во најава

До почетокот на продажба на реинкарнираниот Bronco останаа уште два месеца, а Ford веќе обезбеди 125.000 нарачки за него!

објавено 09. април 2021

Интересот на купувачите е многу поголем отколку што се предвидуваше, заради што некои од нив ќе го чекаат својот примерок уште цела година. Во трката за поголема заработувачка дилерите на Ford овој момент го искористија на своја рака да ги зголемат цените и до 10.000 долари. Сето ова е резултат на добро сработената задача на инженерите но и маркетиншките експерти на Ford. Тие успешно ги препознаа трендовите и ги преточија во производ што секој го посакуваше уште пред никој да го нема видено. Притоа го искористија и носталгичното сеќавање на Американците кон легендарното име кое беше пензионирано во 1996-тата. 25 години подоцна тоа се враќа на пазарот како две во основа различни возила. Првото е теренец поставен на шасијата од Ranger, а второто доозначено со суфиксот Sport е кросовер направен на база на Ford Escape. Според тоа различна е и моторната понуда која започнува со 1,5 литарскиот EcoBoost со три цилиндри и 181 коњска сила и се искачува до 2,7 литарскиот V6 со 310 коњи. Посебно интересен е 2,3 литарскиот турбо четирицилиндричен мотор со 270 коњски сили кој единствен се испорачува со мануелен менувач, и тоа со седум степени на пренос. Дотолку што Ford соопшти дека скоро една петтина од сите купувачи го нарачале Bronco токму со оваа погонска група. Цените во Соединетите Американски Држави започнуваат од сосема прифатливи 27 илјади долари. На разочарување на остатокот од светот, засега не е предвидено да се извезува во други региони.