Fiat направи уште еден чекор назад – започна да го произведува моделот 600 со бензински мотор без хибридна поддршка.
Овој потег е прва помош за подобрување на продажбата и сигурно ќе придонесе за тоа. Новата верзија на 600 доаѓа со истиот 1,2 литарски мотор од Grande Panda кој развива 100 коњски сили, спарен со шестстепен мануелен менувач.
Има турбо компресор со променлива геометрија и систем за директно вбризгување на горивото под висок притисок а ќе биде достапен со сите нивоа опрема. Цените не се објавени но би требало да бидат за околу 2.000 евра пониски од хибридната верзија.
Истовремено од Abarth кој сега е исклучиво електрична марка стигнуваат сигнали дека сепак нема целосно да им свртат грб на класичните мотори. Тоа би можеле да го потврдат со преработката на Grande Panda во изведба со скорпија во амблемот. Овој модел за разлика од 500 и 600 од техничка страна нуди поголеми можности за додавање доза адреналин.
Развојот наводно е во тек но проектот сé уште чека конечно одобрување за сериско производство. Што ќе значи за продажните резултати на Abarth најдобро кажува тоа што најевтиниот нивни модел во Италија сега чини 34.400 евра.


