Сега секој може да вози Ferrari!
Во период кога Ferrari ја прославува 75 годишнината од постоењето, славната марка реши да се покаже и во виртуелниот свет со, специјално за таа прилика, „развиен модел“.
Со тоа ергелата од Маранело се придружува на фалангата производители кои создадоа виртуелен тркачки автомобил за популарната видео игра Gran Turismo. Едноседот го носи бројот 75 на страните на возилото, што алудира на првиот тркачки автомобил на марката, 125Ѕ кој истрча од капиите на фабриката во 1947 година.
Во видео играта Ferrari Vision Gran Turismo е опремен три литарскиот V6 твин турбо од моделот 296, кој исто така се користи во новиот 499P. Во виртуелната конфигурација моторот произведува 1030 КС и перформансите го засилуваат уште три електрични мотори со уште 326 КС! Еден од нив е сместен на задната оска додека останатите два се рапределени на секое предно тркало. Виртуелната ѕверка располага со мамутски вртежен момент од 1100 Nm.
Заедно со развивачите на видео играта, беше дотерана звучна репродукција на моторот која е верна на оригиналот. По премиерата во Монте Карло каде се одржа светското финале на играта Gran Turismo, Ferrari Vision Gran Turismo веќе е достапен за сите корисници на седмата верзија на GT.
Во реалниот свет, барем изгледот на виртуелниот модел, како студија за дизајн во целосна големина ќе биде изложен од 15. Декември во Музејот на Ферари во Маранело и ќе биде дел од тековната изложба до март 2023 година, во која може да се видат многу ексклузивни уникатни модели од Ferrari.



