Уште една автомобилска компанија посегна по производство на роботи – Faraday Future претстави дури три, од кои еден фокусиран на безбедноста, а другите два хуманоидни.
На изненадување тие веќе се подготвени за производство и испораките ќе им започнат уште овој месец по цени кои се движат од 2.500 до 35.000 долари. За најскапиот велат дека е вистински професионалец со 28 високоперформансни мотори и батерии кои траат три часа но можат да се менуваат во текот на работата.
Опремен со голема компјутерска моќ има систем за перцепција кој комбинира повеќе камери со висока резолуција, 3-Д лидар, низа тактилни сензори, WiFi и 5G конективност и поддршка за интеракција до 50 јазици. Може да делува на пример како помошник во хотели и музеи, советник за продажба, асистент за истражување и настава и слични дејности. Вториот исто така хуманоиден робот е конструиран да биде цитираме „мајстор со целосна интелигенција кој навистина разбира“.
Освен дека може да се адаптира за да учи нови вештини, за него нема многу информации. Најмалиот и најевтиниот модел има четири нозе и може да искачи пречки високи до 330 милиметри. Поседува способност за далечинско следење и управување и за него е предвиден асортиман разни додатоци – од роботски раце до пожарникарски апарати.


