Не само кинеските, Европа ќе ги оцаринува и електричните возила произведени во Велика Британија.
Според договорот постигнат при напуштањето на Обединетото Кралство на Унијата, почнувајќи од 1 јануари идната година сите возила кои содржат делови во вредност од помалку од 55 отсто кои не се по потекло од ЕУ или Велика Британија ќе подлежат на стандардна царинска стапка од 10 отсто. Притоа нивните батерии мора да имаат најмалку 70 отсто локално произведена содржина.
Договорот кој требаше да стапи на сила пред три години но беше одложен со образложение дека индустријата не е подготвена да одговори на таквите услови е реципрочен – и возилата со потекло од Унијата ќе се оцаринуваат во Велика Британија. Според проценките на тамошните аналитичари станува збор за повеќе од 80 отсто од електричните автомобили и доставни возила чија цена би пораснала во просек за три илјади фунти. Со оглед на моменталната ситуација на пазарот, европската асоцијација на производители на возила реагираше до законодавците во Брисел уште еднаш да ја преиспитаат својата одлука и одложат барем до почетокот на 2030-та година.


