Не признавајќи дека се избрза со преамбициозните еколошки цели, европската комисија соопшти дека ги препознала потребите на авто-индустријата и ги ублажи строгите правила за целосна забрана на возилата со мотори со внатрешно согорување после 2035-та година.
Главната промена во новите мерки наречени автомобилски пакет е што од производителите ќе се бара до наведениот термин да ги намалат просечните емисии на јагленород диоксид за 90 отсто додека преостанатите 10 отсто ќе можат да ги комбинираат со употреба на био-горива или користење нискојагленороден челик.
Ублажени се и стандардите за доставните и тешките возила а новост е и воведувањето нова категорија автомобили. Исклучиво електрични, со должина до 4,2 метри и произведени во Унијата, тие би имале поголемо учество во вкупната математика за просечните емисии.
Истовремено се објавени и конкретни планови за финансирање на развојот и производството на батерии како и намалување на административните оптоварувања и поедноставување на прописите и процедурите за хомологација.
На автомобилската индустрија сега ѝ претстои добро да ги анализира новите правила кои ќе ѝ овозможат значително поголема флексибилност во планирањето на идните модели. На купувачите пак да почекаат на конкретните резултати од тоа а на европските политичари да се свестат каква услуга им направија на Кинезите.
Имено со новите прописи се отвора поширок пат на плаг-ин и возилата со продолжена автономија. А Кина исто како и кај целосно електричните возила предводи со овие технологии кои за европските производители не се целосно освоени. Конкретно Кинезите глобално испорачуваат 60 отсто од електричните возила, некој процент повеќе од тоа плаг-ин модели а дури 99 отсто од оние со продолжена автономија.
Од друга страна пак лидери во Европа со најголем процент учество на електричните и плаг-ин моделите се германските премиум марки BMW, Mercedes и Audi – другите се далеку зад нив. Ако ги прескокнеме подлабоките анализи, како заклучок може да се каже дека на европската автомобилска индустрија ќе ѝ требаат големи средства да дојде до нивото кое политичарите го одредија.
А во меѓувреме Кинезите ќе го преплават пазарот со своите модели кои веќе ги имаат бидејќи нивната влада во последните 15 години им има поделено неверојатни 230 милијарди долари субвенции.


