Елон Маск го возврати ударот
Објавено на 3 јули 2018 година
Подложен на серија напади минативе месеци, харизматичниот сопственик на Tesla Елон Маск конечно го возврати ударот – лично тој преку твитер нé извести дека производството на Model 3 го достигна планираното ниво од 5.000 примероци неделно. Искрено, за ова подолго време се зборуваше дека е возможно но дека Маск намерно одложува тактизирајќи со бизнис-интересите на својата компанија. Посебно заради лимитираните од администрацијата на САД 200.000 произведени електрични возила од секоја марка за кои се добиваат субвенции, но и заради задржувањето на статусот на Model 3 како високобарано возило од страна на купувачите. Скептиците пак, од друга страна, тврдеа дека Маск е до гуша во проблеми и дека Tesla едвај се крпи. Но кој и да беше во право, тоа сега веќе е минато – Tesla ја достигна целта и произведе 5.000 примероци од Model 3 неделно. Тоа треба да значи дека пред компанијата веќе се помирни води низ кои до комплетното освојување на интернационалните пазари може да се плови без екстра напори.
Вистината сепак не е таква заради финансиските резултати и бројните контроверзи кои во последно време сé повеќе се плетат околу Маск и Tesla. Дека конечно ќе им дојде крај верува и самиот Маск, кој, цитираме, напиша: „Мислам дека сега станавме вистински производител на автомобили“. Неговата самоувереност е поткрепена уште и со дополнителни истовремено произведени 2.000 примероци на Model S и X. Затоа и наредната цел што тој ја постави е производство на 6.000 парчиња од Model 3 неделно, без прецизирање кога би можело да биде тоа.