Еден многу поинаков Opel
Со преминувањето во таборот на РЅА имаше голема загриженост за иднината на марката од Руселсхајм. Временската дистанца од осум месеци на виделина ги извади плановите, но и фактите за понатамошното функционирање. Сега Opel е на чисто и нема егзистенцијални проблеми. Единствено на што треба да мисли е иднината во која зачекорува со ветер во грбот и јасно дефинирани рамки за своите модели
Објавено на 31 март 2018 година
автор: Крумислав Барзов
Кога Grandland X се појави на пазарот во канцеларијата штотуку се смести Михаел Лохшелер, новиот прв човек на Opel. Тогаш немаше многу што да каже за иднината која беше неизвесна. Сега тој е полн со оптимизам подржан од продажните резултати на двете нови спортско-корисни возила базирани на француските донатори, Crossland X и Grandland X. Овој последниот неодамна се лансира во верзијата Ultimate која е задвижувана со најсилниот мотор во овој модел, со француски турбо-дизел мотор од два литри, 177 КЅ и 400 Nm. Силата се пренесува на предните тркала преку осумстепен автоматски менувач. Гледана од аспект на моторизацијата оваа верзија е навистина ултимативна но интенцијата на моделот е да пружи сосема поинакво искуство во возењето засилено со премиум опременост, ниска потрошувачка и солидни перформанси.
Со ова Ultimate издание, Opel Grandland X излегува од сенката на дискретноста
На самиот почеток на кариерата на изведбата Ultimate јасно се дава до знаење дека Opel има желба и капацитет да се вклучи на пазарот со богата опременост и силни мотори. Дека е така покажува и фактот дека за само неколку месеци на сцена ќе стапат верзиите со новиот турбо-дизел од 1,5 литри како и турбо-бензинците со работна зафатнина од 1,2 потоа 1,5 и потполно новиот од 1,6 литри и 180 коњи. Со ова верзијата Ultimate нема да биде само ниво на опременост туку израз на интелигентна и еколошка моторизација. Први на списокот на комуникација се хипстерите и метросексуалците чии желби и трендови силно влијаат во оформувањето на опременоста на возилата. Токму поради тоа погонот е задржан само на предните тркала. Високата кросоверска каросерија е тренд на автомобилскиот пазар, а не потреба. Тоа го потврдува статистиката која вели дека само 3% од сопствениците на овие возила имаат искуство надвор од асфалтот со своите возила, па поради тоа се повеќе се избегнува погонот на сите тркала. Во најава е дека Grandland X Ultimate ќе добие верзија со 4х4 која ќе биде во форма на plug-in хибрид чиј електромотор ќе биде задолжен за вртењето на задните тркала. Впрочем овој систем е идентичен што ќе го има донаторот на Grandland X, Peugeot 3008.
Наменет е за различна публика заради што и има поинаков идентитет
Во последните неколку години толкава доза на оптимизам не сум сретнал во редовите на Opel. Со лансирањето на Ultimate верзијата на Grandland X како и самодовербата на руселсхајмската екипа да достигна врвни вредности. Можеби ќе се запрашате зошто е тоа толку битно? Па за мене е бидејќи во последните 5-6 години слушав само изрази и фрази типични за потиштени и исфрустрирани вработени кои не ја знаеја својата иднина и се сомневаа во филозофијата на нивните производи. Сега, иако компанијата ќе ја напуштат скоро 30.000 вработени, остатокот самоуверено и оптимистички гледа во иднината чувствувајќи дека перцепцијата и вредноста на нивните модели ќе се редефинира на подобро.
Толку за „енергијата“ што зрачеше од домаќините. Ајде да се вратам на самиот производ. Иако Grandland X Ultimate не е по вкусот на премиум купувачите (за тоа му фали погон на сите тркала), тој како да зрачи со оптимизам. Од надвор забележливи се покривните шини, тонираните стакла и металик црните ретровизори обоени во иста боја со лакот кој го обележува покривот над патничкиот простор. Мали промени кои многу зборуваат за филозофијата на производот. Каросеријата делува поробусно бидејќи е поставена на 19-инчни тркала. Вистинско крешендо се случува во внатрешноста каде не е штедено на премиум материјалите. Веднаш воочливи се ергономските седиштата преслечени со кожа, но и материјали со специфична обработка. Пластичните површини се далеку поквалитетни и пријатни на допир. Ергономијата е изразена во сите елементи на внатрешноста, големиот екран чувствителен на допир јасно ги пресликува сите функции што се управуваат преку него а за пофалба се апликациите за Android и iOS корисниците кои ги прават мобилните телефони интегрален дел од опременоста на возилото. Сега во Ultimate изведбата сериски се достапни грејачи на седиштата а со доплата и ладење на седиштата. Единствено „опеловски“ остана графиката на инструментите, потег кој беше за очекување.
Во внатрешноста се среќаваат премиум материјали и доста модерни решенија
Што се однесува до возните својства тие се однесени на повисоко ниво. Дволитрениот турбо-дизел во комбинација со осумстепениот автоматски менувач работи мирно и тивко. Дури и кога се форсира за пофалба е звучната изолација во кабината. Голем придонес на комфорот во возењето даваат безбедносните системи како што се адаптибилниот темпомат и системот за задржување во линијата на движењето. Поради стриктните ограничувања на брзината на возење и астрономските казни во Баскија бев приморан да ја одржувам пропишаната брзина. Во тоа несебично ми помогнаа двата системи чие работење е беспрекорно. Можеби впечатокот ќе беше подобар доколку во списокот на опременоста ќе беше вклучен и head-up дисплеј. Управувањето е прецизно но поради предниот погон и големиот вртежен момент на моторот се појавува ефект на „глисирање“ односно поткревање на предниот дел кога се забрзува нагло. Истото чувство се појавува и при возење во свиоци. Овие замерки не се однесуваат на стабилноста ниту на безбедноста туку само на субјективното чувство на возачот. Домаќините ни обрнаа внимание на големата економичност која е пониска од пет литри нафта во просек. За жал јас не успеав да ги достигнам споменатите вредности. Во тек на двата дена возења во кои поминав околу 400 километри просекот ми беше далеку над декларираниот и тој се движеше помеѓу 6,5 и 7,1 литар во просек. За така силен мотор јас не би барал влакно во јајце и би се помирил со реалната потрошувачка која е повеќе од прифатлива за возило тешко два тона.
За безгрижна возна динамика со Opel Grandland X Ultimate се задолжени бројните електронски асистени
Opel Grandland X Ultimate е возило кое го отсликува новиот правец на компанијата. Дотерувањата не се конечни а токму Ultimate линијата ќе биде нов знаменосец по кого моделите на Opel ќе добијат нова интерпретација, ќе понудат премиум чувство на своите купувачи по фер цена и ќе привлечат внимание на еден сосема нов сегмент купувачи на кои првенствено им е битна опременоста, конективноста и еколошкиот отисок на возилото отколку суровата сила.
основни податоци Opel Grandland X Ultimate 2.0 Turbo D | |
мотор: | 4 цилиндри, 4 вентили по цилиндар, турбо компресор, 1.997 cm³, 177 KS при 3.750 min-1, 400 Nm при 2.000 min-1 |
трансмисија: | автоматски менувач со 8 степени, погон на предните тркала, пневматици со димензии 235/50 R19 |
каросерија: | хечбек со 5 врати, 4.477×1.906×1.609 mm, меѓуоскино растојание 2.675 mm, тежина 1.475 kg, максимална тежина 2.090 kg, багажник: 514/1.652 dm³, резервоар 53 литри |
перформанси: | максимална брзина 214 km/h, забрзување 0-100 km/h за 9,1 секунди, потрошувачка отворен пат/град/просек 4,5/5,3/4,8 l/100 km, емисија на CO₂ 126 g/km |