Новиот P24 RS е „најхоландскиот супер автомобил“, како да е создаден за викенд возило на Макс Ферстапен!
Во ера на електрификација и дигитализација на автомобилите, вистинска реткост е некој да се осмели да направи модел кој ги застапува тврдокорните традиционални атрибути на четири тркала.
Холандскиот производител на егзотични спортски автомобили Донкерворт го опишува својот нов супер автомобил како „директен контраудар на компјутеризиран, хомоген автомобилски свет“.
Покрај целиот употребен карбон, фанки LED фарови и форма на каросеријата инспирирана од инсекти, P24 RS е дефинитивно старомоден автомобил.
Голем мотор напред, петстепен мануелен менувач и погон на задните тркала.
Дури и серво воланот и ABS-от се опционални. Голема пресвртница во историјата на компанијата е враќањето на корените. Повеќе од две децении Холанѓаните го користеа 2,5 литарскиот турбо петцилиндричен мотор на Audi кој во претходното издание, F22, испорачуваше 500 КС.
Сепак „тулипите“ се враќаат на корените на своето постоење кога користеа мотори од „Синиот овал“. Срцето на P24 RS е модифицирана верзија на 3,5-литарскиот EcoBoost V6 на Ford на кого се додадени две нови турбини произведени од холандска фирма Van der Lee.
Резултатот се неверојатни 600 КС и 800Nm вртежен момент. Доколку не ви требаат толку, софтверот за управување со силата наречен „моќ да избереш“ ви овозможува да ја намалите таа моќност на 400 КС или 500 КС.
Од компанијата која од своето формирање во 1978-та има произведено помалку од 2.000 возила, велат дека ќе испорачаат само 150 примероци на P24 RS. Кој може да ја поднесе тежината од само 780 килограми, забрзување од 0-100 км/ч за 2,8 секунди и 2.3G оптоварување во свиоци нека повели.



