Daimler – GenH2

Поглед во иднината

Водородот ”истекува“ на патиштата

По тестирањата во затворени услови Daimler ја започнува втората фаза

објавено 25. мај 2021

Daimler најави дека годинава ќе започне со тестирање на прототипот на својот камион со горивни ќелии на јавните патишта. Станува збор за влекач со полуприколка натоварена со 25 тони терет, а вкупната тежина достига околу 40 тони. Испитувањата во комерцијалниот транспорт од страна на компаниите потенцијални купувачи треба да започнат во 2023 година, а првите серијски возила ќе бидат испорачани четири години подоцна. Целта е да се постигне автономија поголема од 1000 километри.

Daimler сè уште користи водород во гасовита агрегатна состојба, но наскоро ќе се префрли на водород во течна форма, бидејќи има поголема густина на енергија во однос на неговиот волумен. Како резултат, камионот со горивни ќелии со течен водород може да помине со помали и полесни резервоари поради понискиот притисок на складиштење. Ова овозможува поголем товарен простор и поголема носивост а, во исто време, може да се наполни повеќе водород, што го зголемува опсегот на движење.