Зголемување на напонот
Покрај рационална, Dacia сака да се етаблира и како еколошка марка
Многу незамисливи работи се случуваат. До пред неколку години ќе звучеше неверојатно некому да му кажете дека Dacia ќе има електричен автомобил. Не само што го има туку тој збира трофеи. Од скоро Романците понудата ја проширија со својот прв модел со хибриден погон. Ова е остварено благодарение на матичниот Renault од кого побара нови понапредни технологии.
Изборот падна на хибридниот погон познат од Clio и Captur кој одлично се вклопи со карактерот на Jogger. Неговата ниту караванска ниту кросоверска каросерија беше полн погодок кога се во прашање вкусот и потребите на купувачите и овој модел успешно ја стартуваше својата кариера. Не толку како Sandero и Duster кои лани успеаја да влезат на европската топ 10 листа според продажбата, но пласираните 83 илјади примероци за десетина месеци колку што Jogger беше на пазарот се одлична бројка.
А таа сега благодарејќи на француско-романската комбинација сигурно ќе биде поголема, и покрај цената од скоро 25 илјади евра која и не е така мала. За тие пари купувачите ќе добијат практичен автомобил со пет или седум седишта кој тргнува на струја и добар дел од растојанието меѓу два семафора може да помине без вклучување на 1,6 литарскиот мотор со 90 коњи.
На тој начин ќе заштеди и до 40 отсто гориво што резултира со декларирана просечна потрошувачка помала од пет литри на сто километри. Електромоторот кој на бензинецот додава уште 50 коњски сили помага Jogger Hybrid до првите сто километри на час да стигне за 9,8 секунди, но својата практичност најдобро ја докажува на меѓузабрзувањата. За регенеративното дополнување на батериите од 1,2 киловат-часа е задолжен стартер-генератор кој исто така работи како електромотор, а целиот погонски систем има 15 различни режими на возење.
Струја произведува и главниот електромотор дури и на автопат во услови кога бензинецот дава повеќе сила отколку што е потребно за совладување на отпорите на движење. Бидејќи батериите се сместени на местото на резервното тркало целосно е зачувана употребливоста на просторот за багаж од 700 литри. Низ внатрешноста се среќаваат низа практични решенија, а за безгрижно користење е задолжена гаранцијата од 8 години или 160.000 километри на батерискиот систем. Испораките на Dacia Jogger Hybrid во поголем дел од Европа ќе стартуваат во мај.