За работа и слободно време
Пикапите одамна не се само средство за работа туку и симбол на животен стил и релаксација. Иако популарноста што ја имаат од онаа страна на Атлантикот никогаш ја немаат достигнато во Европа, свои поклоници имаат насекаде. Меѓу другото и во Романија, каде ентузијастите од фирмата Romturingia го преработија најновиот Duster во интересно издание, секако по поддршка од Dacia. Возилото ги задржа четирите врати и комплетниот ентериер но со четири седишта а задниот дел од каросеријата е преработен во краток товарен простор долг 1.050 и широк 1.000 милиметри. Кабината е одвоена од него со цврста преграда со стакло, а носивоста остана иста – 430 килограми.
За конверзија се користат само најопремените верзии на Duster, а во понуда се две погонски единици – хибридна со 1,6 литарски бензинец со 94 KS, електромотор од 50 KS и роботизиран менувач и благиот хибрид со трицилиндричен 1,2 литарски мотор со 131 KS и шестстепен мануелен менувач. Цената во Романија стартува од 26 илјади евра без ДДВ, а продажбата е преку мрежата на Dacia.



