Во Мароко Dacia ги нуди Jogger и Duster со дизел мотор, но тоа не е случај и со Европа
Откако Renault ја презеде Dacia во 1999 година, одлуките на француската група за прогрес на романската марка колку и да биле неочекувани и контроверзни, се покажаа како исправни. Не сите додуша, меѓу кои мора да ја споменеме и сегашната ситуација кога во Мароко се нудат моделите Jogger и Duster а наскоро и Bigster со дизел мотор, но тоа не е случај и со Европа.
Сето ова малку чуди со оглед дека моделите на Dacia тежнеат да станат најдобро продавани на Стариот Континент токму заради својата избалансираност меѓу цената и она што купувачите навистина а не декларативно го сакаат. Затоа и на дизел моторите колку и да биле озлогласени, сé уште не им е време да го напуштат пазарот што Dacia како да испушти да го предвиди бидејќи некое време место нив во Европа нуди бензински хибриди.
Можеби е во прашање стратешката политика бидејќи Renault покрај во Романија произведува некои модели на Dacia и во своите две фабрики во Мароко, нешто што купувачите скоро и да не го знаат. Можеби е и заради еколошките норми кои сигурно не се исти на северот на Африка и во развиените западни земји, но сепак треба да се има предвид дека Dacia е доста популарна и на пазарите со полабави критериуми, како што се источноевропските.
Како и да е, иако со жалење мора да констатираме дека ако некој посака да заштеди на сметките за гориво, тогаш опција му е некоја од авто-плин верзиите на моделите на Dacia – арапските дизели тешко дека ќе стигнат до нас.




