Citroen – Ami Cargo

Вести

Градска мравка

Малите димензии и погонот на струја идеални за градска достава

објавено 19. мај 2021

Малиот пријател стана уште поверен – Citroen подготви доставна верзија на електричниот Ami. Просторот за товар е лимитиран заради минијатурните димензии, кои во неговиот случај се предност. Тој со своите 2,4 метри должина и 1,4 метри широчина лесно се пробива низ урбаниот хаос и е идеален за доставните дејности. Може да носи 140 килограми распределени во модуларниот карго-бокс на местото на совозачот и во задниот дел. Вкупниот простор за товар изнесува преку 400 литри. Оптимизираните паметни решенија ја зголемуваат практичноста на овој мал доставен автомобил, кој воопшто не ја загадува околината.

Електромоторот од 8 коњски сили ќе го забрза до 45 километри на час, а батериите од 5,5 киловат-часа ќе му овозможат да биде во служба 75 километри. Се полнат три часа на обичен штекер, едноставно како и мобилен телефон. Citroen ќе започне со продажба на My Ami Cargo идниот месец, на почеток само во Франција. Купувачите можат да бираат дали за него ќе платат 6.490 евра или пак ќе земат на 48-месечен лизинг за само 24 евра месечно, со учество од 2.500 евра.