Роденденот на култниот Спачек прославен и во Македонија
На 7. октомври, по повод одбележувањето 75 години од претставувањето на легендарниот модел Citroën 2 CV, Автонова имаше несекојдневна можност да биде домаќин на членовите од Клубот пријатели на Citroën 2 CV – Спачек со нивните автомобилски миленици, кои воедно слават 25 години постоење на клубот.
Во продажба овој автомобил влезе во 1948-мата, но неговата приказна започна девет години порано. Еден од најчудните автомобили во историјата, Citroën 2 CV Спачек, е конструиран со идејата да се понуди народен автомобил достапен за секого. Инженерите на Citroën започнаа со работа некаде на средината на триесеттите години од минатиот век.
Имаа за задача да направат возило кое еднакво добро ќе служи и во град и на селаните, по цена која ќе можат да ја платат сите. Спецификациите кои им беа наложени беа народниот автомобил да биде пристапен, едноставен и издржлив, да носи четири лица со нивниот багаж со брзина од 50 километри на час и да не троши повеќе од три литри на сто километри. Од него се бараше и да може да превезе корпа јајца низ изорано поле без тие да се скршат.
Инженерите си ја завршија работата најдобро што умееја и подготвија автомобил за кој можеме да кажеме дека беше карикатура на тркала. Каросеријата му беше направена од индустриски буриња, имаше едно светло и платнен покрив, седиштата тешко дека можеа да се наречат така а моторот беше двоцилиндричен воздушно ладен со едвај 9 коњски сили.
Таков каков беше, сé беше подготвено за неговото претставување кое требаше да се случи на салонот на автомобилите во Париз 1939 година – дури и проспектите за него беа отпечатени. Но тогаш Франција и објави војна на Германија и животот тргна во друга насока. За автомобилот да не падне во рацете на окупаторот инженерите на Citroen четири од прототипите закопаа на локации што само тие ги знаеја, а сите други ги уништија.
Разрушената земја после војната имаше уште поголема потреба од автомобил со вакви спецификации. Во Citroen се зафатија за работа и моделот чија идеја беше стара повеќе од деценија го преуредија, подобрија и претставија на публиката во 1948 година. А таа реагираше како што може да се очекува – конкурентите и стручната јавност си правеа вицеви со него, а купувачите застанаа во ред долг шест години.
Спачек инстантно стана симбол на слободарскиот и непокорлив дух кој го чува и ден-денес. Последниот беше произведен во 1990 година во фабриката во Португалија, чиј директор си го зеде за себе.
Постојат гласини дека незадоволни од тоа некои важни луѓе во компанијата дале налог да се направат уште четири примероци но тоа не е потврдено. Како и да е, во својата пазарна кариера долга 42 години во која го надживеа и својот наследник Dyane, Спачек беше произведен во повеќе од пет милиони примероци.