Bugatti Baby – за адолосцентите на богатите

Занимливости

Bugatti мисли на децата и внуците на своите муштерии

Лимитираната серија од 500 примероци трга во производство

објавено на 29.07.2020

На ланскиот Женевски мотор шоу по повод 110-иот роденден Bugatti навести дека е во план да се произведе  Bugatti Baby. Никој од присутните и оние што ја чуја веста не очекуваа епилогот кој следеше. Имено, оригиналното Bugatti Baby беше родено 1926 година кога Еторе и неговиот син Жан одлучија за направат смалена верзија од моделот  Type 35 за четвртиот роденден на најмладиот син на Еторе, Роланд. Оригиналниот подарок требаше да биде еден од својата врста, но сите муштерии што доаѓаа во Мулуз да нарачаат возило од Bugatti реагираа позитивно, го посакуваа за своите деца па така Bugatti Baby стана дел од производството и продажбата  во периодот од 1927 до 1936 кога беа произведени токму 500 примероци. Од нив само неколку преживеаа и се смета дека било каква да е колекцијата на Bugatti доколку го нема ”бебето” не се смета за комплетна!

Оригиналниот Bugatti Baby по димензии беше напола од вистинскиот модел од дваесеттите години на минатиот век и во него едвај седнуваше осум годишно момче. Од компанијата велат дека Еторе Бугати размислувал да направи нова минијатурна верзија од моделот Type 52 за децата на ентузијастите на марката. Токму затоа таа идеја сега се оживува. Во соработка со  Little Car Company специјализирана за изработка на автентични подвижни минијатурни возила почна да се произведува Bugatti Baby 2. Според Штефан Винкелман, претседателот на Bugatti, ова е покана до младата генерација ентузијасти да се вљубат во чудесниот свет на Bugatti. Ние би додале дека е одлична шанса родителите кои поседуваат Bugatti да си ја зголемат суетата а децата уште толку да ги разгалат по принципот ”гледајте ме, чудете се”! Како да е, Bugatti Baby 2 ќе се продава во три изведби со модерна технологија, односно со електро погон и тоа основниот модел ќе биде направен од композитни материјали и опремен со батерии од 1,4 kWh. Има два модуса на работа.

Првиот е за почетници со лимитирана брзина на 20 км/ч и 1,3 кѕ на располагање а модусот Expert достига 45 км/ч и развива 5,4 кѕ.  Втор на списокот е Vitesse, со каросерија направена од јагленородни влакна, батерија од 2,8 kWh вклучувајќи го набилданиот мотор со Speed Key како поголемиот брат Chiron1. За колекционерите е креирана верзијата Pur Sang кој го има истиот склоп како Vitesse но убавото тело рачно е обликувано и направено од алуминиум,  употребувајќи ги методите и техниките на обликување кои биле применувани во изработката на оригиналниот  Bugatti Type 35.

Последните две изведби развиваат 13,4 кѕ и достигаат до 70 км/ч благодарение на ”брзинскиот клуч” а забрзуваат до 60 км/ч за  шест секунди што е сосема добро достигнување доколку се земе во предвид дека се детски играчки и тешки 230 килограми. Имаат автономија од 25 километри и цена која, ако не татковците, дедовците сигурно ќе ја платат. Основниот модел чини 30.000 евра,  Vitesse  43.000 евра а колекционерскиот Pur Sang  58.000 евра. Локалните богаташи ги известуваме дека во овие цени не се пресметани транспортот и давчките!

 

Видео