Убавината велат е во очите на оној што гледа но, дефинитивно овој BMW е најубавиот направен последнава деценија, можеби и повеќе
Креиран наменски за парадата на автомобилската елеганција во Вила д’Есте чиј покровител е баварската компанија, тој претставува дизајнерска студија со засега неутврдена иднина. За неговото опишување тешко можат да се најдат вистинските зборови, барем не во количина која човечкиот ум може да ја процесира. Се работи за двосед со тарга покрив и V8 твин-турбо мотор со 617 коњски сили преземен од M8 Competition, кој треба да ја долови моќта на дизајнот.
А тој пак со повеќе стилски елементи ја посочува кон историјата на славните модели на марката наговестувајќи дека таа сака да се врати кон своите исконски корени. Пред сé кон послевоениот 503 во неговата отворена верзија и феноменалниот Z8 од пред четвртина век. Го одликуваат неоптоварениот со отвори преден дел со класичен нос како на ајкула, тенки светла и маска со бубрези со перфектни пропорции. Тркалата се со облик на турбина, овалните издувни цевки се интегрирани во задниот браник а кожениот покрив без механизам за отворање е од два дела. Алуминиумската облога поставена на капакот на багажникот делува како еден вид централен ‘рбет што се протега по хаубата и во внатрешноста. Силуетата е во функција на родстер определбата, нема конвенционални рачки на вратите, додека задното стакло може целосно да се вовлече.
Информации за евентуално производство нема, но и да се случи тоа очекувајте висока цена и ограничена серија.