Политиката на мулти енергетски платформи со развој на бензинските и дизел моторите како и електричните и хибридните погони е победничка
BMW беше критикуван дека е премногу бавен во развојот на електрични возила, а исто така беше еден од ретките големи производители на автомобили кои не се обврзаа на цврст датум кога ќе продаваат само електрични возила.
Сега, додека автомобилските производители масовно се повлекуваат од своите завети за електричен погон како единствена алтернатива за иднината, се покажа дека внимателниот пристап на Минхен се исплати. BMW долго време веруваше дека е потребен широк спектар на технологии за погон, а за време на годишниот состанок на акционерите, шефот Оливер Ципсе, ја потврди стратегијата на сино-белиот пропелер.
BMW ќе продолжи да произведува и продава бензински, дизел, хибридни, а исто така и водородни возила, заедно со мноштвото нови електрични возила што веќе ги има во изработка. Оливер Ципсе изјави: „Ние сериозно ги сфаќаме амбициозните политички цели, но не веруваме во технички еднострани регулативи што ја ограничуваат понудата. Истиот принцип важи и за циркуларната економија.
И тука, само сеопфатен пристап може да овозможи и стимулира инвестиции. Бидејќи, како самостојна технологија, е-мобилноста води по ќорсокак – тоа сега е јасно. Разликите се едноставно премногу големи, дури и само во рамките на Европа.“ Ципсе ги искористи примерите на Белгија и Италија. Во Белгија, дарежливите стимулации резултираа со тоа што електричните возила и хибридите достигнаа пазарен удел од над 60% минатата година.
За споредба, таквите возила учествуваа само со 4% во продажбата во Италија. Најважното прашање е како ефикасно да се намалат емисиите на CO2 и дека одговорот не е „размислување црно-бело“. „Додека другите производители го менуваат курсот или ја прилагодуваат својата стратегија, ние сме на вистинскиот пат“, им рече Ципсе на акционерите. Побарувачката за електрифицирани модели на BMW е во пораст.
Во првиот квартал, електрифицираните возила сочинуваа повеќе од 25% од сите нови автомобили што ги продаде, додека речиси една петтина од нив беа целосно електрични. Во стратегијата на мулти енергетски погони BMW не застанува. Во 2028 година планирано е комерцијално да го лансира своето прво возило на водороден погон во соработка со Toyota.


