Нов хиперавтомобил од соништата
Некогаш славното италијанско име се враќа на автомобилската сцена
Bizzarrini беше мал производител на напредни спортски автомобили основан во 1964-тата од страна на поранешниот инженер на Alfa Romeo, Ferrari и Iso Џото Бицарини. Постоеше само пет години, но стекна славно име со своите креации. Една од нив беше и исклучително ценетиот двосед 5300 GT, кој беше најпознат модел на компанијата која успеа да направи едвај 400 автомобили. Со текот на децениите постоја неколку обиди да се оживее ова име, но безуспешно. Сега, откако со поддршка на арапски капитал во 2020-тата правата на марката Bizzarrini ги откупи англиската компанија Pegasus која поседува дистрибутивна мрежа за продажба на луксузни автомобили, постои реална шанса тоа да се случи.
Како почетна точка секако беше избран токму 5300 GT, чии прекрасни линии Џорџето Џуџаро ги преработи во модерно купе наречено The Giotto, според основачот на компанијата. Овој хиперавтомобил има централно поставен агрегат и каросерија од пластика засилена со јагленородни влакна. Изгледот му го доловува духот на спортските автомобили од шеесеттите години, а нивните перформанси атмосферскиот V12 развиен од Cosworth. Има точно 6.626 кубни сантиметри, што всушност е датумот на раѓање на Џото – 6.6.1926-тата. Менувачот е осумстепен роботизиран, а никаква електрификација не е предвидена.
За жал, тоа е сé што се знае за овој автомобил. Развојот уште му тече и првите примероци треба да се појават некаде во 2026 година. Колку ќе бидат направени и по која цена, не е познато.