Растегнат луксуз
Во моментите додека сé уште како ехо одекнуваа фалбите дека го направиле најеколошкиот автомобил во својата историја, од Bentley пристигна Bentayga со за 18 сантиметри продолжено меѓуоскино растојание. Силуетата му стана поелегантна, а зголемениот простор назад и поголемите врати овозможија да биде достапен и со 4+1 седиште.
Тоа значи дека меѓу двете задни седишта е сместено уште едно помало за кратки патувања, кое се преклопува како централна конзола. А токму седиштата се еден од главните адути на бескрајниот луксуз на овој 5,3 метри долг теренец. За нив Bentley вели дека се најнапредни во светот на автомобилите и има право. Со пренослив таблет се подесуваат во 22 насоки а со помош на сензори се мери притисокот на нивната површина и се прават мали прилагодувања на положбата за да се намали заморот при долгите патувања.
Ги мерат и температурата и испотеноста на патниците во зависност од што се вклучува нивното ладење или греење, а реагира и системот за автоматска климатизација. За комплетно уживање во патувањата во панелите на вратите се вградени бројни мали ЛЕД сијалички кои креираат совршен амбиент. Луксузот тука не завршува – овозможен е избор на различни украсни фурнири и инсерти од полиран метал или други материјали, што заедно со останатите опции кои купувачот може да ги бира даваат вкупно 24 милијарди достапни комбинации.
Од техничка страна, заради продолженото меѓуоскино растојание ревидирани се ослонувањето и главните безбедносни електронски системи, а 22-инчните тркала се дел од стандардниот пакет опрема. Задната оска е управлива со што се подобрени маневарските способности на овој голем теренец, а намалени се и фреквенциите на шасијата во возењето. За погон се користи исклучиво четирилитарскиот V8 со два турбополначи, кој на осумстепениот автоматски менувач му испорачува 550 коњски сили 770 њутн-метри вртежен момент. Со него забрзувањето до 100 километри на час трае 4,6 секунди, а максималната брзина која може да се постигне е 290 километри на час. Испораките ќе започнат при крајот на годинава, а цената засега не е позната.


