Bentley – 200.000

Занимливости

Секавичен развој

За само 18 години Bentley произведе 155.582 автомобили

објавено 29. март 2021

Да, добро прочитавте, од вкупно 200.000 автомобили, повеќе од три четвртини од нив се произведени од 2002 година па наваму. Можеби во апсолутни бројки за масовно производство на возила ова изгледа како капка во море, но само да потсетиме дека, цената на најевтиното Bentley секогаш била колку десет компактни автомобили. Во својата 102 годишна историја марката поминала низ многу успони и падови, а посебно е горда што сите 200.000 автомобили се произведени во фабриката во Кру. Од 1919 до 2002 година, временски период од 83 години, фабриката ја напуштиле само 44.418 луксузни лимузини. Пред дваесет години, месечно се произведуваа 85 автомобили, денес толку автомобили се прават во еден ден. Јубилејниот примерок е Bentayga Hybrid за клиент од Кина. Со ова не само што се одаде признание на кинескиот пазар како еден од најважните за Bentley, туку се најави и електрификацијата како иднина на престижниот транспорт. Британската луксузна марка е горда на податокот дека 84 проценти од сите возила направени за англискиот пазар сѐ уште се регистрирани. На фотографијата покрај јубилејната Bentayga позира најстарото постоечко возило на марката, EXP 2 од 1920 година.