Европската политика да ја подзатвори вратата за електричните возила ќе подотвори друга…
Кинезите веќе започнаа да кројат планови за испраќање на хибридни модели на Стариот континент. Иако за тоа регулаторите не се загрижени многу заради строгите стандарди за издувните гасови, внимание привлекува што се јавуваат и некои други играчи кои не смеат да се занемарат.
Меѓу нив е и BAIC кој лани произведе 1,7 милиони возила од кои 190 илјади извезе. Порастот на производството од 17,6 отсто и посебно на извозот од масивни 73,5 отсто ги подгреа амбициите на оваа државна компанија за освојување на нови пазари меѓу кои сигурно има и некој европски.
Одговорот на прашањето со кои модели може да се наслути од најавите дека компанијата подготви нов дволитарски дизел мотор со 163 коњски сили хибридно засилен со 48-волтен стартер-генератор кој ќе се вградува во големиот теренец со ознака BJ60.
Претставен пред две години тој има габарити колку Toyota Land Cruiser – должина од 5.040 милиметри, широчина од 1.955 и скоро исто толкава височина, додека меѓуоскиното растојание му изнесува 2.820 милиметри.
Дизајнерски е безлична мешавина на повеќе стилови, но затоа е поставен на крута шасија и има погон на сите тркала со редуктор и диференцијали кои се блокираат. Во него засега се вградува исто така благ хибриден дволитарски бензинец кој ги задоволува Еуро 6 нормите, кој располага со максимални 270 коњски сили и е спарен со осумстепен автоматски менувач.
Куриозитет е што овој теренец кој може да се добие со два или три реда седишта преку сив увоз веќе се продава во некои европски земји – во Германија на пример чини 51 илјада евра и има тригодишна гаранција.