Audi Urbansphere Concept – Премиера

Резиденција на тркала!

Создаден по обратен редедослед што е вообичаен за автомобилската индустрија, Audi Urbansphere Concept е посветен на просторот и неговото исполнување во услови на автономно возење. Прво беше дизајнирана внатрешноста, а потоа и надворешноста на возилото. По направени детални истражувања во Кина, концептот е направен со заедничка работа на дизајнери и инженери од студијата на Audi во Пекинг и Инголштад и е најновата визија за автономно возење на иднината во средини со густ сообраќај. Urbansphere Concept ја има најголемата кабина димензионирана од Audi. Стилот е мешавина од многунаменско и спортско-корисно возило во минималистички манир и екстравагантни детали како LED панелите поставени напред и позади, кои покрај за осветлување ќе се користат за испраќање пораки до другите возачи. Вратите се отвораат една спроти друга, создавајќи непречен пристап до кабината. Со меѓуоскино растојание од 3,4 метри дизајнерите добија извонредна можност да го уредат интериерот на возилото. Четирите седишта се распоредени во два реда, и имаат доволно простор за да можат да ротираат за 60 степени, но и да извлечат дополнителна површина за одмор на нозете. Потпирачите за глава се свиткани кон патникот за да донесат чувство на одвоеност, а секој од нив има интегрирани звучници. Инфозабавниот систем за патниците се наоѓа на проѕирен екран кој се спушта од таванот и широк е речиси колку возилото. Audi Urbansphere, исто како претходно претставените концепти Skysphere и Grandsphere, е дизајнирана за автономно возење на ниво 4. Тоа значи дека возилото има конвенционални контроли доколку возачот сака да ги користи, но може да се движи и целосно автономно во сообраќајот. Audi тврди дека Urbansphere не е чиста студија и дека модел базиран на овој концепт би можел да се појави до втората половина на оваа деценија. Со масивни димензии (5.510д х 2.010ш х 1.780в), Urbansphere Concept е поставен на новата Premium Platform Electric. Срцето на погонскиот систем е технологијата за полнење од 800 волти што обезбедува полнење до 270 киловати на станици за брзо полнење. Така, времето на полнење се приближува до времето на конвенционално застанување за полнење гориво на автомобил напојуван од мотор со внатрешно согорување. Само десет минути се доволни за да се наполни батеријата до ниво доволно за да го напојува автомобилот повеќе од 300 километри. Покрај тоа, батеријата која држи повеќе од 120 киловат часови може да се наполни од 5 до 80 отсто за помалку од 25 минути. Бидејќи концептот првенствено предвидува возило за градски превоз, моќта на погонот не е од клучно значење. Сепак, двата електромотори имаат вкупно 400 КС и 690 Nm максимален вртежен момент. Audi Urbansphere, како и неговиот најблизок роднина Grandsphere, се одликува со адаптивна воздушна суспензија со полуактивна контрола на амортизерите. Тоa нуди извонреден комфор дури и на нерамниот, често закрпен асфалт на улиците во градовите. Првите плодови од трите претставени концепти Audi треба да ги прикаже во втората половина на оваа деценија.

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER