Откако пред околу еден месец Audi го ажурираше компактниот А3, сега без многу филозофии ги разубави и засили неговите S-верзии.
Поприлична количина детали за нив беа објавени уште порано а модификациите ги следеа останатите модели од неговото семејството така што нема некои изненадувања. Предниот дел на модернизираните хечбек и седан сега изгледаат уште подрско.
Маската и отворите за воздух во браникот станаа помасивни и имаат поголеми ќелии со шари во облик на латиничната буква L. Сличен дезен се среќава и на зголемениот дифузор на задниот браник. Целокупната светлосна опрема доби поинаков стил, а светлосниот потпис има четири опции.
Измените во внатрешноста го следат бранот корекции на стандардните модели. Карактеристични детали за S3 се управувачот, седиштата со интегрирани наслони за глава, педалите и сребрените детали на делови од ентериерот. Кај механиката исправена е една неправда – дволитарскиот турбо агрегат е засилен од 310 на 333 коњски сили, исто колку што има и Performance верзијата на Golf R кој досега беше помоќен од еквивалентот од Инголштат.
Седумстепениот S-Tronic менувач е задржан но неговиот одзив и брзината на менување под полно оптоварување се двојно подобрени. Сето набројано помогна Audi S3 сега да забрзува до 100 километри на час за 0,1 секунда пократко. Главната техничка новост е преносот на силата на сите четири тркала кој на задната оска место конвенционална спојка вклучува систем за распределба на вртежниот момент позајмен од RS 3.
Со негова помош возачот може по потреба да пренасочи и до 100 отсто од силата само на задните тркала, но нема дрифт режим на располагање. За комплетно унапредување на возните својства модифицирани се и ослонувањето, системот за управување и сопирачките. Корекции претрпе и цената која застана на 55.600 евра.