Откако се исцрпија сите опции за спас и не се успеа да се најде купувач за неа, Audi ќе ја затвори фабриката во Брисел
Лошите вести кои со месеци висеа над судбините на три илјади работници ги соопшти портпаролот на компанијата кој кажа дека последниот ден од февруари ќе биде и последен кога од монтажните ленти ќе излегуваат автомобили по што машините ќе бидат конзервирани. Велејќи дека друга алтернатива нема, тој посочи дела болната одлука била одложувана доста време со надеж дека нешто ќе се случи.
Последните погледи беа насочени кон кинескиот Nio за кој се знае дека има во план отворање производствени погони во Европа, но тоа брзо беше демантирано. Тогаш се појави и веста дека за судбината на фабриката безуспешно било разговарано со дури 26 потенцијални инвеститори, за што како главна причина се наведуваат недостатокот на програми за згрижување на работниците и одржливи планови за иднината. Се бараше и начин за нејзина алтернативна употреба во рамките на Volkswagen групата наместо за производство на возила, но и тоа не вроди со плод.
Оваа фабрика чии корени датираат 75 години наназад има плодна историја. Од нејзините погони излегуваа најпопуларните модели на Volkswagen како што се Polo, Golf и Passat, некогаш и по 200 илјади возила годишно. Сега е место на раѓање на електричниот Audi Q8 e-Tron чија нова генерација се очекува да се произведува во Мексико.