Вредеше да се чека – Aston Martin Valhalla е скапоцен камен со монструозен изглед и брутална сила
Aston Martin конечно ја престави сериската верзија на суперавтомобилот од специјалната серија Valhalla. Развојот на овој плаг-ин хибриден модел започна уште во 2019-та под кодната ознака AM-RB 003, додека концептот наречен со сегашното име беше претставен две години подоцна. Оттогаш прототипите беа подложени на интензивни тестови за сега кога раководството на марката се увери дека сé е во ред да се најави дека Valhalla е подготвен за пазарно лансирање.
Овој автомобил со монструозен изглед го задвижува плаг-ин хибриден погонски систем сочинет од четирилитарски твин-турбо V8 мотор и три електромотора кои заеднички испорачуваат 1.079 коњски сили и 1.100 њутн-метри вртежен момент. Своите коњи моторот со внатрешно согорување ги испраќа на задната оска преку осумстепен менувач со двојна спојка во чие куќиште се наоѓа еден електромотор. Тој има функција на стартер и генератор кој ги полни батериите, додека останатите два електромотора ги задвижуваат предните тркала.
За електричната автономија не прашувајте – таа изнесува едвај 14 километри иако автомобилот во електричен режим може да постигне 140 километри на час. Но затоа кога сите коњи ќе се растрчаат ќе го дотераат до максималните 350, од кои првите сто ќе ги стигне за 2,5 секунди. Дизајнот е подреден на аеродинамиката која при 240 километри на час генерира сила на потисок од 600 килограми. Внатрешноста со луксуз е вообичаен за едно возило со амблемот на Aston Martin е асиметрична и седиштето на возачот е поместено малку поназад од она на совозачот.
Производството ќе започне во вториот квартал 2025 година, а ќе бидат направени 999 примероци. Цената ќе стартува од 850 илјади фунти.