Aston Martin – Girard-Perregaux

Занимливости

Три моста за совршенство

Две легенди ги здружија силите во име на перфекцијата

објавено 08. јуни 2021

Делејќи ја истата страст за совршенството, Aston Martin и Girard-Perregaux заеднички го претставија првиот часовник произлезен од нивната соработка. Наречен Tourbillon with Three Flying Bridges – Aston Martin Edition, ова врвно мајсторско дело е изработено од квалитетна титаниумска легура и куќиште во облик на обрач од јагленородни влакна.

Тоа овозможува чист поглед кон механизмот што го носи дизајнерскиот потпис на џебните часовници кои швајцарскиот производител ги правел во 19-век. Се гледаат и сафирите, како и неколку делови кои се од бело злато. Иновативноста која ја надминува границата на екстравагантност не завршува тука. Микро-роторот е исполнет со бела флуоросцентна материја која во темно светли со сина боја. Добрите познавачи на високата часовничарска мода ќе забележат уште некои рафинирани детали. Такво е ремчето од телешка кожа со гумени инсерти и дизајн кој потсетува на тркачките модели на Aston Martin од минатото.

Но сите без исклучок ќе забележат дека овој часовник е еднакво скап како и возилата на британската марка од сегашноста – неговата цена изнесува цели 113 илјади фунти. Заради тоа, разбирливо е зошто ќе бидат направени само 18 парчиња.