Alfa Romeo – Tonale

Занимливости

Ново одложување

Официјалното објаснување е дека се чека на подобрени хибридни перформанси

објавено 14. април 2021

Долго очекуваниот помал кросовер на Alfa Romeo наречен Tonale требаше да се појави есенва, но неговата премиера ќе биде одложена за неколку месеци. Најновите информации велат дека на него ќе се чека до почетокот на идната година за да му се подобрат хибридните перформанси. Одложувањето е на барање на новиот директор на компанијата Жан-Филип Импарато, кој по спојувањето на Fiat-Chrysler со PSA на чело на Alfa Romeo дојде од Peugeot. И порано и сега Tonale е важен модел за марката, која спадна на само два модела и продажба од едвај 53 илјади возила годишно. Tonale кој како концепт беше прикажан пред две години ќе биде поставен на платформата на Jeep Compass кој за Европа се произведува во Италија. Тој во своето свежо обновено издание располага со 1,3 литарски мотор во две плаг-ин хибридни изведби со 190 односно 240 коњски сили, способен да помине до 50 електрични километри. Како прв нов модел на Alfa Romeo после пет години, тој има за задача да ја прекине надолната линија по која се движи иднината на марката. После него треба да следи уште еден помал кросовер за кој ќе биде искористена француска платформа, кој во бензинска и електрична верзија би се произведувал во Полска. Според плановите за развој од 2014-тата, Alfa Romeo сега требаше да има осум модели и да продава по 400.000 возила годишно.