Еден од најубавите модели на Alfa Romeo наполни 60 години.
Настана како резултат на желбите да се направи автомобил кој ќе ги разбуричка емоциите, наменет за парадирање под апенинското сонце.
Замислен како наследник на Giulia Spider која го освои американскиот пазар ја имаше механиката од неа – мотор поставен напред, погон на задните тркала, петстепен менувач, независно предно ослонување и четири диск сопирачки.
Дизајнот беше на Pininfarina кому му беше доверено и производството. Неговите чисти и елегантни линии беа амбасадор на италијанскиот стил заради што брзо стана филмска ѕвезда со улоги во огромен број продукции.
Статусот на автомобилска икона го зацврсти и со перформансите – заради малата тежина од 990 килограми лесно постигнуваше 185 километри на час. За тоа се грижеше 1,6 литарскиот мотор со две брегасти оски во главата кој развиваше 109 коњски сили.
За името Alfa Romeo објави конкурс со автомобил како главна награда на кој пристигнаа 140 илјади предлози. Победник беше Duetto со што требаше да се симболизира хармонијата меѓу грациозноста и техничкото совршенство но се покажа дека заради авторски права не може да се користи.
Затоа и пролетта 1966-тата во Женева премиерата ја имаше под ознаката 1600 Spider. Живееше скоро три децении во четири генерации, секоја со сопствен персоналитет но ист карактер. Освојувајќи 124 илјади купувачи засекогаш ја одбележа историјата на италијанскиот автомобилизам и остана во колективното паметење како најдолговечен и најпопуларен модел на Alfa Romeo.
Ден-денес е доказ дека вистинската уметност на четири тркала никогаш не застарува. Во негова чест во музејот на марката во Аресе е отворена посебна изложба која ќе трае до крајот на годинава.


