Пирова победа
На Миланезите им требаа 18 месеци да ја продадат лимитираната квота од 500 примероци на GTA
објавено 06. октомври 2021
Новиот директор на Alfa Romeo Жан Филип Импарато ќе има потешка работа отколку што се мислеше. Иако тој со своите изјави и настапи покажува доволно енергичност да се справи со предизвиците, бројките сепак кажуваат дека ќе му треба повеќе медитеранска темпераментност и инаетливост. Дека е така покажа една кратка вест со која Alfa Romeo требаше да се пофали но таа всушност илустрираше колку длабоко е заглавена компанијата. Се однесува на бисерот на италијанската техника Giulia GTA и нејзината полутркачка варијанта GTAm, за чии лимитирани 500 примероци требаа година ипол да се распродадат. Точно е дека овој модел направен во чест на истоимениот култен тркач од 1965 година не е за секого и дека со своите 175.000 евра едноставно е прескап. Но исто така е точно и дека други многу поскапи лимитирани модели направи од познати и непознати компании се распродаваат уште пред јавноста да дознае за нив. Во тој контекст дека на Alfa Romeo сепак им требаа 18 месеци за заокружување на проектот Giulia GTA, делува фрустрирачки. А возилото тоа со ништо не го заслужува. Направено е со врвен акцент на перформансите кои ги обезбедува 2,9 литарски твин-турбо V6 мотор со цели 540 коњски сили. Со нив ja фаќа стотката за 3,6 секунди, а со новата конфигурација на ослонувањето развиена со тркачка помош се снаоѓа низ свиоците како и ултимативен суперавтомобил. Тоа добро го сфатија купувачите од Кина, Јапонија и Австралија, каде според Alfa Romeo отидоа многу примероци од Giulia GTA. Од причини кои докрај не се објаснети, овој модел не беше достапен во Северна Америка.