Првиот вистински автомобил на француската марка беше произведен на денешен ден
Времепловот на автомобилската индустрија денес нé води до 1891-ва година кога Peugeot го произведе првиот примерок на Type 3 кој се смета за прв нивни масовно произведуван автомобил бидејќи од двата претходни модели на Peugeot еден имаше три тркала и мотор на пареа од вториот беа направени само 4 примероци. Така Type 3 со своите 64 примероци направени меѓу 1891-вата и 1894-тата може да се гордее како еден од пионерите на моторизацијата на земјата.
Имаше V2 мотор со зафатнина од 565 кубни сантиметри и агол меѓу цилиндрите од 16° по потекло од Daimler, кој по лиценца се произведуваше во Франција. Неговите две коњски сили беа доволни за постигнување само 18 km/h но тоа не му пречеше на Арман Пежо да ги покаже неговите квалитети и перформанси учествувајќи како придружно возило на велосипедската трка Париз-Брест-Париз. Заедно со главниот инженер Луј Рижуло и шефот на производството Oгуст Дорио ја докажаа издржливоста на конструкцијата поминувајќи 2.045 km, и тоа со просечни 14,7 km/h.




