Лимузина скроена за семејства, рационални деловни луѓе и достојна за скромни Претседатели на влади
Веќе добро етаблирана во сегментот на лимузини, Škoda изгради исполирано педигре на Superb, со добар квалитет на ентериерот и возните својства рамни на многу поскапите премиум модели. Резултатот е дека најдоброто за народот стана уште малку подобро.
Напливот на кросовери сериозно го девастира интересот за лимузини. Тоа иницираше со сериозно намалување на традиционално скроените автомобили, а многу производители од „главниот тек“ се откажаа од нив. За среќа Škoda Superb остана на својот курс. Не само посветена на големите пропорции и големиот внатрешен простор, таа остана доследна на традиционалните вредности.
Во овој момент Škoda е единствената европска лимузина што не е во премиум сегментот, а нуди сериозен дизајн, богата опременост, изведба со моќен турбо-дизел мотор и погон на сите тркала.
Актуелниот модел е присутен на пазарот веќе три години, а за мене беше вистинско уживање повторно да го возам Superb. За тоа има повеќе причини. Иако анатемисани, дизел моторите уште наоѓаат оправдана причина за нивното постоење.
Во ера на забрзана електрификација и апсурдна моќност што ја нудат БЕВ, Superb се покажува како рационална солуција со четири цилиндерскиот турбо-дизел со респектабилни 193 КС и свиленкастото и лесно работење во спрега седум степениот DSG менувач .
Второ е перманентниот погон на сите тркала, добро искалибрираното потпирање и прецизното управување, комбинација што овозможува лесно користење во урбани услови, големо задоволство во возењето на локален пат и висока удобност на автопат.
Како трет фактор е чувството што го добиваат возачот и патниците додека претстојуваат во кабината со нагласена ергономија, раскошна просторност и лесното користење на придобивките овозможени со многуте едноставни, но изразено корисни решенија во интериерот.
Би помислиле, бидејќи автомобилот е доста долг, дека возењето на Superb во град би било мачно, но всушност е доста релаксирачко. Има одлична прегледност и има изненадувачки тесен круг на вртење што го олеснува маневрирањето во мали простори.
Едно нешто што може да ве изненади е фактот што ги чувствувате нерамнините малку повеќе отколку што би очекувале. Сепак, воопшто не е непријатно, со оглед дека каросеријата е поставена на 19 инчни тркала.
На автопат Superb навистина блеска. Цврстотo потпирање се измазнува при брзина, а има минимална бучава од ветерот и пневматиците. Тоа е многу релаксирачко искуство за „голтање“ километри.
На кривулест пат Superb се справува исто толку добро. Нема да ве насмее од уво до уво како што би направиле некои спортски ориентирани марки, но тоа не е баш поентата на овој автомобил.
Останува стабилен и смирен низ свиоците, дури и ако малку пребрзо ги „ловите“. Одлично е прилепен на патот, каросеријата не се ниша премногу, само инспирира целосна самодоверба додека форсирате.
Исто така, ќе ви биде удобно, бидејќи суспензијата без напор се справува со груби и брановидни асфалти за да се чувствувате убаво и заштитено. Во мојата маршрута поминав повеќе од 400 километри, дистанца на која забележав просечна потрошувачка од 5,7 литри нафта на 100 км.
Севкупно, Skoda Superb е навистина солиден аргумент за традиционалниот семеен автомобил, докажувајќи дека популарните кросовери не се нужно најдобри за секојдневни задачи, особено не на оние кои на прво место го ставаат задоволството во возењето и предимство даваат на манирите на однесување, а не на помодарството.
Можеби Superb нема да ви го забрза пулсот до изнемоштеност, но чистата разноврсност и односот вредност-квалитет што го нуди го прави повеќе од атрактивен. Возениот Superb 2.0 TDI 4×4 Sportline чини 56.000 евра.
Тоа не е мала сума, но доколку правилно ги оцените доблестите што ги има, динамичноста и опременоста, а не сте зависник да имате беџ на премиум марка, тогаш ќе сватите дека добивате многу и заштедувате добри 25.000 евра.
Всушност, доколку се одлучите за финансирање од Шпаркасе Лизинг тогаш учеството од 12.100 евра и месечна рата од 696 евра на 84 месеци ќе ви звучат уште поразумно.


