Четири години откако го повлече од продажба, Audi го оживува својот можеби најсестран модел, A6 Allroad.
Просто не сватлива беше одлуката да се повлече од пазарот Audi A6 Allroad, кого го однесе виорот наречен „кросовер манија“. Сега повторно се враќа на сцената, поубав, помоќен и технолошки совршен.
Гледајќи ги спецификациите на вградената опременост тој во многу нешта ги содржи врвните достигнувања прикажани во неодамна претставениот Q7 и најавени во новиот знаменосец Q9. Воедно, неговото подигнато растојание од тлото ветува способности за теренско возење со кои може да се натпреварува со кросоверите.
Караванската каросерија е помускулеста алтернатива на премиум кросоверите, а со цената блиску е на споменатиот Q7. За прв пат Audi A6 Allroad доаѓа со plug-in хибридна опција покрај познатиот V6 турбодизел.
Широките браници се визуелниот потпис и со нив опасно се приближува до RS6, но дизајнерите ги комбинираат со специфични Allroad допири кои се стремат кон робусност, а не кон спортска става. Сепак поставен е на сериски 19 инчни тркала кои со доплата може да се напумпаат за два броја повеќе.
A6 Allroad е долг 5.016 мм, широк 1.986 мм и висок помеѓу 148 и 1.51 цм во зависност од изведбата. Ова значи дека е цели 11 цм е поширок од стандардниот A6 Avant и 84 мм поширок во споредба со претходниот A6 Allroad. Она што го прави Allroad повеќе од подигнат A6 караван е подвозјето.
Дадена му е прилагодлива суспензија и управување, почнувајќи со висината што е за 3,4 цм повисока од стандардната во нормален режим. Активната воздушна суспензија нуди 5,5 цм осцилирање во зависност од режимот на возење, условите на патот или теренот.
Помекиот режим Comfort се справува со секојдневното возење на асфалт, додека поставката Dynamic ја спушта каросеријата за 20 mm за она што Audi го нарекува поголема прецизност и стабилност.
Над 120 км/ч, без оглед во кој режим на работа е, ја спушта каросеријата 20 мм за да се подобри ефикасноста. Згора на тоа заострена е агилноста поради управувањето на сите тркала. Задните тркала се вртата до 5 степени во однос на предните при мала брзина, намалувајќи го кругот на вртење за дури еден метар, а потоа до 2 степени при поголеми брзини за дополнителна стабилност.
Дека Audi A6 Allroad припаѓа во аристократското друштво на „Господарот на прстените“ потврдува моторизацијата. Најслабата верзија има 299, а најсилната 367 коњи. Главна вест е приклучниот хибрид кого го дели A6 Avant e-Hybrid.
Тој е сочинет од дволитрен тубро-бензинец со четири цилиндри и еден електричен мотор што резултира со моќност од 367 КС и 500 Nm вртежен момент. Батеријата од 25,9 kWh нуди опсег со нулта емисија според WLTP од 95 км.
Другата опција е благиот хибриден три литарски V6 турбодизел кој има 299 КС и 580 Nm вртежен момент, при што системот 48V придонесува за дополнителни 24 КС. Двата мотори се комбинирани со стандарден систем за погон на сите тркала quattro.
За воља на вистината,TDI моторот е побрз, забрзувајќи од 0-100 км/ч за 5,4 секунди. Во двата случаи, максималната брзина е електронски ограничена на 250 км/ч. Внатрешноста на A6 Allroad ја користи најновата технологија на куќата.
Контролната табла се растега на 11,9 инчи, инфозабавен екран на допир е 14,5 инчен и опционален е 10,9 инчниот екран за совозачот. Премиум карактеристиките во опционалната листа вклучуваат четиризонски клима уред, пакет за квалитет на воздух со сензор за прашина,
пакет со акустично стакло, затемнувачки панорамски стаклен покрив и седишта се со пневматски прилагодливи потпирачи, функции за греење, вентилација и масажа.
И тука не е крајот бидејќи има бројни опции за персонализација. Што се однесува до практичноста, A6 Allroad го наследува големиот простор во кабината на A6 Avant со багажник со капацитет од 466 до 1.497 литри кај дизелот и 404 до 1.423 литри кај plug-in хибридот поради батеријата.
Освен теренските возила, единствениот директен конкурент на подигнатиот караван е Mercedes-Benz E-Class All-Terrain, бидејќи Volvo V90 Cross Country е повлечен од продажба.




