Ни порано не беше тајна но сега е официјално – Stellantis се договори со кинескиот Dongfeng да му произведува возила од марките Peugeot и Jeep за локална продажба и извоз.
Носител на активностите ќе биде заедничката компанија која двата производитела ја имаат уште од 1992 година. Некогаш голем играч на пазарот, таа последниве години спaдна на многу ниски гранки. Според стратегијата за развој на новите партнерски односи првите возила ќе започнат да излегуваат од погоните во Вухан веќе идната година.
Се знае дека моделите на Peugeot ќе бидат базирани на свежо претставените концепти 6 и 8 додека детали за Jeep нема. Вкупно се испланирани четири возила. За реализација на овие цели потребни се околу милијарда евра инвестиции од кои Stellantis ќе даде 130 милиони. Договорот кој засега е во почетна фаза како необврзувачки меморандум за разбирање вклучува и соработка во развојот на нови технологии и користење на кинеските искуства во тоа.
За возврат Donfeng ќе добие дел од фабриката на Stellantis во Рен, Франција, каде ќе се произведуваат возилата од електричниот премиум бренд Voyah, најверојатно моделот Free со што ќе се избегнат европските тарифи за увоз на возила од Кина.
Ова е прилика Stellantis да ја зголеми продуктивноста на своите производствени капацитети и да добие нови технологии.


