Падна уште една жртва на реорганизацијата на Volkswagen – стаклената фабрика во Дрезден прекинува со производство на возила.
Го носи тоа име бидејќи има ѕидови од стакло а беше пуштена во работа на почетокот на милениумот, во време кога компанијата имаше проблеми со квалитетот на возилата со намера во неа да се обучуваат кадри кои потоа би работеле во другите погони. Затоа и таму се произведуваше знаменосецот на марката Phaeton, а едно време и Bentley Flying Spur.
Од 2017-тата е пренаменета за електрични возила, на почетокот Golf а потоа и ID.3. Во иднина во неа ќе биде сместен иновациски центар во соработка со техничкиот универзитет од Дрезден кој ќе се фокусира на високите технологии, вклучително вештачката интелигенција, микроелектрониката, роботиката и друго.
На работниците им е понуден бонус од 30 илјади евра ако се преселат во Волфсбург кој е оддалечен триста километри. Во процесот на реорганизација Volkswagen досега остана без 25.000 вработени.



