Citroen од најновиот концепт Elo направи лабораторија во која ќе истражува
Француските дизајнери го замислија да ја претставува желбата на марката за предвидување на потребите на светот, нешто како своевидна лабораторија на идеи со која се истражуваат нови подрачја и пронаоѓа инспирација за размислувањето за утрешнината.
Делува како забавно и пространо возило кое нуди поширока визија на мобилноста, осмислено да им биде постојан придружник на своите сопственици низ нивните различни секојдневни потреби.
Располага со интуитивна модуларност, со компактните димензии добро ќе се снаоѓа во урбаниот хаос а истовремено ќе нуди уживање во викенд патувањата. Има чуден распоред на седиштата со три во задниот ред и централно поставено возачко кое може да се ротира за 360 степени.
По потреба покрај него од страните можат да се постават уште две помошни седишта. Широките лизгачки врати овозможуваат лесен пристап до внатрешноста која може да се трансформира во простор за товар или за спиење, за што во багажникот се наоѓаат два душека на надувување а задните светла стануваат ноќни ламби.
За деловни потреби возило функционира како мобилна канцеларија со систем за видеоконференции кои се проектираат на ветробранското стакло. Од Citroen нагласија дека Elo има електричен погон но детали не објавија.
Останува да видиме дали со него француската марка ќе отвори ново поглавје во својата историја или пак ќе остане само неостварена идеја како и многу нејзини други концепти.



