Автомобилското небо го осветли уште една сјајна ѕвезда на Mercedes која зрачи со луксуз на сите страни.
Новиот луксузен рафинат се одзива на името Maybach SL 680 Monogram и го подигнува нивото на ексклузивност на највисоко во историјата на марката.
Иако од техничка страна не е ништо ново, спортскиот двосед на својствен начин ги интерпретира и имплементира сите вредности на екстраваганцијата на трикраката ѕвезда. Инспириран да се достигнат досега недофатливи лимити во хранењето на човечкото его, негова единствана намена е да ги одушеви купувачите.
Тоа ќе го прави со гламурозноста во сите свои детали која најпрво се огледува од посебно креираните дизајнерски концепти. Ги има два, со црвена и бела основа на каросеријата а заедничка им е хаубата на која со специјална роботски контролирана техника се нанесени безброј лога на Maybach.
Кому тоа не му е доволно, за вистинска персонализација на располагање се уште доста други палети инспирирани со тоновите на моменталните модни трендови, минералите, архитектурата и скапоцените камења каков што впрочем е и погонскиот систем на овој автомобил.
Тој се базира на познатиот четирилитарски V8 битурбо мотор 585 коњски сили од AMG во комбинација со деветстепената автоматика.
Погонот и управувањето се на сите четири тркала што овозможува агилност и стабилност во сите услови на возење контролирани од електрониката која има четири режими.
Ентериерот нуди посебно чувство на релаксираност со пријатен и елегантен амбиент добиен со екстра внимание од врвните мајстори на занаетот во Mercedes.
Сето тоа е дополнето со посебни колекции додатоци изведени во ист стил како и автомобилот, како што се кожена јакна, патики, шал, торба за пазарење па дури и кутија за домашни миленици.
Се разбира ваквото претставување на себе си пред светот треба скапо да се плати, но колку точно Mercedes не кажува.


