Возевме – KIA Picanto 1,2 Concept

Со маркантен изглед, солидна економичност и изненадувачко држење на патот ажурираниот Picanto останува прилично осамен на пазарот во сегментот на најмалите автомобили.

Забрзувањето на електрификацијата, зголемувањето на безбедносните прописи кои наметнуваат товар на производителите и скапото чинење во производство, пазарот на мали, евтини хечбекови брзо се намалува. KIA инвестираше во својот најмал автомобил, па со ажурирањето сака да внесе нова енергија. Неизвесно колку тоа ќе биде успешно. Еве зошто…

Колку чини KIA Picanto?

Само една изведба на Picanto се нуди во Македонија, со 1,2 литрен четири цилиндерски бензински мотор со 79 коњи и прилично маркантна опременост.

Таа пикантерија чини 17.650 евра. Единствената опција за купувачите, осем металик бојата, е да се одлучат помеѓу пет степениот мануелен менувач и автоматикот со ист број на преноси кој е поскап за 1.000 евра. Возениот модел е со мануелен менувач, па за него во Шпаркасе Лизинг учеството изнесува 5.083 евра и на 72 рати месечно се отплаќаат  прифатливи 232 евра. Она што е супер е тоа што и кога ќе го отплатите автомобилот, ви останува уште една година гаранција.

Секогаш се наоѓа оправдување за цените, а кај Picanto е опременоста која сериски нуди многу, од 16 инчни алуминиумски тркала, осум инчен екран на допир и камера за возење наназад, како и рачна климатизација, па се до еден куп безбедносна технологија, вклучувајќи помош за задржување лента, технологија за избегнување на фронтален судир што може да го запре автомобилот во случај возачот да не одговори на опасноста.

Како изгледа новото KIA Picanto?

Несомнено е дека со ажурирањето Picanto ги презеде дизајнерските елементи од огромниот електричен EV9.

Новите браници направија да се добие квадратен и помодерен изглед, додека тенките фарови го дотеруваат во согласност со најновиот имиџ на брендот, па Picanto оддава свежина и атрактивна појава.

И задниот дел е модернизиран по теркот на новиот дизајн каде стоп светлата, исто како фаровите, се поврзани со светлосна лента која дава прилично добар впечаток. Кабината не се промени многу задржувајќи ја положбата и изгледот  на прекинувачите и бирачите. Новост е дигиталниот дисплеј за инструменти и екран на допир од осум инчи што дава модерен отисок, прегледно мени кое е лесно за манипулирање, па дури и во возење. Квалитетот е сè уште прилично добар за автомобил од оваа класа.

Вметната е „био-кожа“ која е употребена за обложување на рачката на менувачот и на воланот, а седиштата се пресвлечени со ткаенина. Кога сме кај седиштата, Picanto добива стандардно пет, што не е секогаш случај кај автомобилите со оваа големина, а стандардно има пет врати. Тоа значи дека пристапот до задните седишта е разумен, но просторот назад не е повеќе од соодветен. Додека оние напред имаат многу простор, на високите возрасни патници задните седишта ќе им бидат малку тесни.

Но, на децата ќе им биде добро. Капацитетот на багажникот од 255 литри е соодветен на вкупната должина од само 3,6 метри.

Возење на KIA Picanto

За волја на вистината, мене ме изненади економичноста со тоа што дојдов многу блиску до фабрички декларираната потрошувачка од 5,2 литри. На моето патување од Скопје до Охрид преку Маврово и Дебар, а на враќање Кичево, Гостивар и Тетово во должина од 424 километри потрошив во просек 5,4 литри бензин што е отстапување од 0,2 литри од декларираното. Имајте во предвид дека имав три силни искачувања на кои го цедев моторот за да добијам пристојна перформанса.

Благодарение на лесниот и мазен петстепен мануелен менувач кој беше доволно пријатен за користење и споен со лесна педала на куплунгот, го правеше возењето на моменти и забавно. Имено, на нагорнините се чуствував како возач на Формула 1. Чекај, како во Формула1 ќе се запрашате? Можеби ќе помислите дека сум јадел сомнителни печурки штом ова го пишувам. Полека, имам совршено објаснување за овој исказ. Во Формула 1 возачите повеќе од 85% од возењето педалата за забрзување ја држат до даска. На нагорнините јас тоа го правев цело време. Тогаш нема потреба од сопирачките,  само треба да изберете вистинска линија на движење.

Не дека ќе почуствувате нешто страшно, но доволно е да „испеглате“ посилни и поскапи автомобили. Најважно е да го приковате гасот до даска и воопшто да не го отпуштате. Јас тоа го правев цело време и уживав. И за воља на статистиката целото време педалата за забрзување беше напната до крај, а јас „бришкав“ со 80-90 км/ч и бев побрз од сите! Тоа е благодарение и на доброто потпирање кое неможе да го испровоцирате со овој мотор. Едноставно каросеријата е како прикована, па од 79 КС добивате максимум што резултира со неочекуван резултат. Поради ќефот што си го приуштив, да им покажам на посилните автомобили која чорапа на која нога оди, не успеав да направам ниту една фотографија. И затоа воопшто не жалам и ве молам за тоа да не ми замерувате.

Вистинската средина на Picanto е урбаната. Тука е како риба во вода. На градскиот асфалт се искористува целиот негов потенцијал. Да, експлозивноста можеби недостасува, но се чувствува лесно и агилно, а тркалата се во близина на аглите на автомобилот, што му овозможува прилично уредно да се справи со сите предизвици. За возачот вистински благослов е механичкиот склоп каде во прв план доаѓа управувачот кој е лесен и мазен, а педалите имаат неверојатна леснотија и не ве заморуваат при честите промени на преносите. Сиот процес е мирен и лесен. Доколку сакате да ја постигнете ниската потрошувачка неопходно е често да ги менувате степените на пренос.

Лесно е да се вози во градскиот сообраќај, лесно е да се маневрира на паркинзи и компактните димензии ви ветуваат дека нема да имате проблеми да најдете паркинг место.

Заклучок

Иако KIA Picanto е одличен автомобил од сериозно редуцираниот А сегмент, се соочува со сериозен проблем.

Тој изгледа атрактивно, богатo е опремен,  одличен е за возење, во урбани средини е повеќе од забавен, па дури покажува сериозно добри манири на отворен пат. За секоја пофалба е неговата економичност, механичкиот склоп му е далеку над класата во која припаѓа… Но, секогаш постои „но“.

Најголем непријател на KIA Picanto е неговата цена. Доволно е да се повлече паралела со нешто поголемиот KIA Stonic кој е доста поголем и покомотен од Picanto. Со истата опременост и техничка спецификација чини околу 2.000 евра повеќе. Тоа е сериозен проблем во држава каде царуваат скара на кило и автомобил на метро.

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER