Благ фејслифтинг и повисока цена
После серијата 1, BMW ја освежи и купе верзијата на серијата 2. Моделот кој ќе се појави на пазарот во август не донесува којзнае што ново, посебно не во надворешниот изглед, но затоа сега стилски дотераниот M Sport пакет е стандарден. Палетата бои и тркала е збогатена, внатре управувачот е малку изменет а на седиштата и дел од останатите површини додадени се грст украсни детали. iDrive системот има нов софтвер, а спортски настроените возачи ќе бидат задоволни од M Sport ослонувањето. Понудата мотори се задржува, при што врв и понатаму е M240i xDrive верзијата со трилитарскиот реден шестцилиндричен агрегат со 374 KS. Цените се зголемени за една до две илјади евра, а производството останува во Мексико.
Нешто поагресивен пакет доби М2 кој сега може да се пофали со 20 коњи повеќе, вкупно 480, а на радост на пуританците покрај автоматскиот со осум задржан е и мануелниот менувач со шест степени. Забрзувањето до 100 километри на час е подобрено за 0,1 секунда, а останатите измени соодветствуваат со оние на стандардната серија 2, плус двобојните тркала и црните издувни цевки. Секако, порасна и цената која по ново надминува 60 илјади евра.




