Volkswagen продолжува со одбележувањето на 50-годишнината од Golf
Германскиот концерн најави дека идната недела, во пресрет на 24-часовната трка на Нирбургринг, ќе го престави новиот Golf GTi Clubsport. Без бројки, со многу зборови и повеќе фотографии кои ја покажуваат уметничката душа на мајсторите од прототипното одделение на Volkswagen, нам ни преостанува само да претпоставуваме што ќе може овој најмоќен Голф со погон само на предните тркала. Јасно е дека ќе има повеќе сила од актуелниот Golf GTi кој од почетокот на годинава брои 265 KS и доаѓа само со седумстепен DSG менувач, но колку точно ќе дознаеме наскоро.
Golf GTi Clubsport го карактеризира модификуван преден дел со дотерани светла и осветен амблем на марката, голем заден спојлер поставен на покривот, по една издувна цевка во кошињата на браникот и нови тркала од 19 инчи. Дел од пакетот ќе бидат и електронски контролираната блокада на диференцијалот, опционалната адаптивна контрола на подвозјето и единствениот Нирбургринг режим на возење.




