Иако Hyundai во Европа има солидно пополнета гама кросовери, гледајќи ја нивната понуда во останатите региони стануваме љубоморни.
Такво чувство имаме и сега откако марката го освежи доста популарниот модел Creta наменет за пазарите на земјите во развој – од Кина, Индија и земјите во нивната поширока околината преку Блискиот Исток и Јужна Африка сé до Бразил и Мексико.
Ажурираниот дизајн на 4,3 метри долгиот кросовер сега е доста помодерен и помалку контроверзен од претходникот. Преовладуваат рамните линии и четвртастите облици, а дневните светла сместени над маската меѓусебно се споени со светлосна лента. Слично решение е употребено и за задниот дел, додека силуетата е нагласена со мускулестите задни крила.
Во минималистички дизајнираната внатрешност преовладуваат чисти и модерни потези, а дигитализацијата донесе два визуелно искомбинирани екрани. За популарноста на овој модел е заслужна и обемната понуда – во Индија на пример се нуди со седум различни нивоа на опременост. Во нив во зависност од конфигурацијата практично се среќава сé што човек може да посака – од вентилирани седишта преку Bose премиум аудио систем до вкупно 19 безбедносни асистенти.
Асортиманот мотори вклучува три агрегати од 1,5 литри. Атмосферскиот бензинец и дизелот развиваат по 115, а новиот турбо мотор со директно вбризгување 160 коњски сили. Погонот е на предните или сите четири тркала преку шестстепен мануелен или автоматски менувачи и седумстепена трансмисија со двојна спојка. Цената во Индија се движи од 12 до 22 илјади евра.



