Практичниот кросоверски дериват на Clio е ажуриран за да се бори со силната конкуренција
Пред околу една година, Renault Clio помина низ процесот на освежување, а сега на ред е компактниот кросовер Captur, кој ја користи истата платформа. Исто како и Clio, Captur доби целосно нов преден дел кој визуелно значително го менува имиџот на популарниот модел, што не е вообичаена практика во автомобилската индустрија.
Помалку видливи зафати има во задниот дел, каде се задржани светлосните групи во форма на буквата „C“, но сега со изменета графика. Очекувано, додадено е новото, освежено лого на брендот напред и назад, како и детали за актуелниот визуелен идентитет.
Претходниот RS Line повеќе нема да се нуди, а заменет е со Esprit Alpine, како највисок пакет на опрема. Купувачите ќе имаат на располагање ни помалку ни повеќе туку 14 комбинации на каросерија во две бои и исто толку еднобојни. Најевтиниот Renault Captur стандардно има челични тркала од 17 инчи, кои опционално може да бидат алуминиумски, додека оние од 19 инчи се резервирани за пакетот Esprit Alpine.
Иако промените во внатрешноста не се толку големи, освежениот Renault Captur сега доби инфозабавен систем со екран од 10,4 инчи, додека најголемата дигитална инструмент табла има дијагонала од 10,25 инчи. Кожата и хромот се целосно отстранети од освежениот кросовер. Сите облоги и тапацир во внатрешноста сега се направени од рециклирани и обновливи материјали.
Погонската гама започнува со 1.0 бензински трицилиндричен мотор со 90 КС, кој користи шестстепен мануелен менувач. Поголемата опција е 1.3 литрен четири цилиндерски мотор од 140 КС засилен со благ хибрид од 48V. Истиот мотор има верзија со 160 КС но впарен е со седумстепен ЕDC.
Новост е додавањето во понудата E-Tech full hybrid погон како оној во моделот Clio, кој е комбинација од 1,6 литрен бензинец и два електромотори напојувани од батерија од 1.2 kWh. Оваа комбинација испорачува вкупно 145 КС. За него производителот наведува дека 80% од градското возење ќе биде електрично.
Иако дизелите се целосно отстранети од понудата, економична опција е трицилиндричниот 1.3 турбо со 100 КС и плинска инсталација, кој со полн резервоари бензин и плин има автономија на возење од преку 1.000 километри. Во Македонија обновениот Captur треба да пристигне на есен.


