Свеж изглед и нова технологија за втората генерација
Втората генерација на Audi Q7 беше претставена уште во 2015 година, а првиот фејслифт следеше во 2020 година. Audi одлучи да го продолжи животниот циклус на постоечкиот модел, надевајќи се дека освежениот стил и технолошките ажурирања ќе го направат интересен уште неколку години.

Дотерувањата првенствено се фокусираат на козметичките промени, вклучувајќи приспособливи високотехнолошки опции за осветлување, нова решетка на ладилникот и редизајнирани браници. Дополнително, моделот добива подобрувања во инфозабавните и безбедносните функции, додека ги задржува опциите за погон од претходната верзија.

За прв пат за Q7 има HD Matrix LED светла со ласерска технологија со дигитални дневни светла. Дополнително, повисоко позиционираните дневни светла напред и ревидираната дигитална OLED графика на задните светла може да се приспособат, овозможувајќи му на возачот да избира четири различни светлосни знаци. Ревидирана е решетка на ладилникот со поспортски дифузори на браникот, земајќи инспирација од Q8.

Дополнително, има пет нови дизајни на алуминиумските тркала, со димензии до 22 инчи. За каросеријата понудени се три нови бои и нивоата на опременост кои ги вклучуваат варијантите S Line, Black Edition, Launch Edition и Vorsprung. Вo внатрешноста, распоредот на контролната табла останува непроменет, но екранот на допир сега ја вклучува најновата изведба на инфозабавниот систем на Audi.

Тој нуди компатибилност со апликации како што се Spotify и Amazon Music. Стандардниот виртуелен кокпит на Audi е подобрен за прикажување информации за другите учесници во сообраќајот и вклучува функции поврзани со електронските асистенти при возење како предупредување за промена на лента, предупредување за растојаниеото помеѓу возилата, помош на крстосница и информации за семафорите. Погонската група вклучува бензински и дизел мотори.

Предводникот на перформансите е SQ7 кој е наоружан со четири литарскиот V8 кој произведува 507 КС и 770 Nm. Потребни му се само 4,1 секунда да го апсолвира спринтот од 0-100 км/ч. Сите изведби на Audi Q7 стандардно доаѓаат со адаптивна воздушна суспензија, додека моделите со високи спецификации добиваат поспортско поставување на подвозјето и управување на четирите тркала.

Audi Q7 веќе е достапен за нарачка на поголемите пазари. Во Македонија рестилизираниот Q7 е најавен да пристигне до крајот на јуни во изведбата Q7 50 TDI Quattro co Tiptronic по цена од 95.000 евра до регистрација.