Lexus продолжи со моделската офанзива истовремено претставувајќи уште два новитети.
Поголемиот со ознака GX е трета генерација на моќниот теренец изворно лансиран во Америка. Сегашната верзија е базирана на Toyota Land Cruiser и од неа ги има наследено сите теренски својства.
Поставен е на цврста шасија која му дава сериозна робусност и способност да се снајде во секакви услови. Во тоа ќе му помогне 3,4 литарскиот турбо бензинец со шест цилиндри кој може да се пофали со 349 коњи. Менувачот е десетстепен автоматски со редуктор, а погонот секако на сите четири тркала.
Lexus ветува дека на асфалт ќе може да повлече приколка тешка 3,6 тони и дека во пет метри долгата и два метри широката каросерија ќе има доволно простор за сите седум патници. Луксуз секако нема да им недостасува, а во согласност со статусот што го има ќе биде и цената. Таа не е соопштена но сигурно ќе биде повисока од 58 илјади долари колку што чини сегашната генерација.
Спомената бројка всушност е релативно пристапна кога ќе се види што Lexus GX може и има, заради што е баран и во земјите од Источна Европа и Блискиот Исток. Во Западна Европа тешко дека ќе дојде иако за иднина е планирана хибридна 2,4 литарска верзија со засега непозната моќност.
За разлика од него Lexus го намени TX само за Американците. Како основа послужи Toyota Grand Highlander од кој е подолг за неколку сантиметри растегнувајќи се на 5,16 метри. Тоа го прави најголем модел на марката но поважно е што со него се најавува ново дизајнерско изразување кое во блиска иднина ќе го видиме и на други модели.
Применетиот стил не е сосема нов но за разлика од порано предниот дел не изгледа така масивно. Ентериерот е луксузна изведба на оној од Grand Highlander, а од таму се и моторите кои ги има. Понудата стартува со 2,4 литарскиот турбо со 275 коњски сили, кои преку осумстепен автоматски менувач се пренесуваат само на предните или на сите четири тркала.
Следи неговата хибридна верзија со 366 расни грла и два степени во менувачот помалку, а на врвот е 3,5 литарската плаг-ин изведба со 406 коњски сили која на струја може да помине педесетина километри.
Ќе се произведува во американската сојузната држава Индијана, а во продажните салони се очекува пред крајот на годинава со цена за дваесеттина отсто повисока од Toyota Grand Highlander.


