Суптилни, но ефективни промени
Најскапиот и најсофистициран модел на VW влегува во втората половина од актуелниот циклус
Touareg успеа да се наметне и го позиционираше брендот на еднаква основа со премиум производителите. Овој дух се одразува и на третата генерација која сега доби освежувања на изгледот и нови технологии.
Однадвор, Touareg изгледа порезервирано и помалку претенциозно: Предниот дел доби нова маска на ладилникот и нови светла. Сега опционално може да се нарачаат IQ.LIGHT HD matrix фарови кои се меѓу најдобрите моментално достапни.
На задниот дел додадена е хоризонталната светлосна лента и е првиот европски модел на VW што има светлосен знак на брендот. Воопшто, Touareg сега изгледа многу поелегантно во сите варијанти. Ова е усогласено со новите модерни дизајни на тркала, застаклениот кокпит Innovision сега е стандардна опрема.
Во Европа Touareg ќе се нуди со пет погонски единици, една бензинска, два дизели и два приклучни хибриди. За сите основа е V6 архитектурата со три литарска зафатнина. Многу економичните, чисти дизели, испорачуваат 231 или 286 КС. Бензинецот, што е и нормално, троши повеќе гориво и постигнува 340 КС.
Електрифицираните погони се комбинираат со бензинскиот мотор и испорачуваат 381 односно 462 КС во Touareg R. Интересно е што верзијата со 381 КС забрзува поспоро од чистиот бензинец со 340 КС, а двата хибридни модели мора да прифатат загуби во волуменот на багажникот.
Сите изведби на Touareg се опремени со осумстепен менувач кој ја пренесува силата на сите тркала. Volkswagen дополнително го разви подвозјето на Touareg. Меѓу другото, сега се користи и сензор за оптоварување на покривот, кој е вмрежен со електрониката на возилото.
Доколку е инсталирана покривна кутија, сензорот го препознава ова и ги пренесува овие информации до системите за помош како што е ESC. Ова ја зголемува стабилноста при возењето. Стандардната челична пружинска амортизација и опционалната двокоморна воздушна суспензија, исто така, добија нова поставка за да се постигне уште поголем опсег помеѓу врвната удобност и оптималните перформанси.
За повеќето сопственици на теренци од голема важност им е однесувањето на возилата при влечење на приколка. Touareg е стандардно опремен со голем број системи за практичност и помош, а дополнително достапни се Travel Assist (помогнато возење до максимална брзина), Trailer Assist (за помогнато маневрирање со приколка) и Night Vision (помош за ноќно возење). Рестилизираниот VW Touareg во Македонија ќе пристигне кон крајот на годинава.



