Оскарите на автомобилската индустрија
Како што доликува на најголемото европско жири AUTOBEST гала вечерта беше одржана во престижна локација и во присуство на годинешните лауреати.
Традиционално на својата гала вечер AUTOBEST ги доделува и посебните признанија на компании, производи и персони кои со своето дело дале значителен придонес на автомобилската индустрија и сé што е поврзано со неа.

Катедралата Гроте Синт-Лоренскерк чија изградба се одвивала помеѓу 1449 и 1525 година како прва целосно камена градба во Ротердам беше местото каде се собра автомобилскиот крем. Оскарите на автомобилската индустрија е усогласена со вредностите и мисијата на AUTOBEST, како сигурен централен глас на европскиот потрошувач за автомобилската област.

Галата ја отвори Дан Варди, претседавачот и еден од оснивачите на AUTOBEST. Неговите зборови беа увертира во тричасовната спектакуларна програма која беше испреплетена со доделувањето на наградите, музика интерпретирана на пет века старите оргуљи и единствено гастрономско искуство. Пред да се врачи врвното признание Best Buy Car of Europe 2023 (автомобил најмногу вреде за вложеното), беа доделени специјалните признанија.

Свеченоста започна со наградата за достигнувањата во спортот. Годинава носител на SPORTBEST 2023 e Јута Клајншмит, дамата која му даде посебен печат на автомобилскиот спорт и единствен победник на релито Дакар од понежниот пол. Жирито AUTOBEST е посебно гордо што е прво во светот кое ги препозна квалитетите на Hyundai Ioniq 6 прогласувајќи го за ECOBEST 2023.

По нашата одлука и објава во декември 2022, Ioniq6 во минатите месеци се закити со многу интернационални и локални признанија. Dacia е компанија што бележи перманентен раст на производството и продажбата. Тоа се должи на нејзините модели, практичноста, прагматичните решенија во самите автомобили и цената која е добро избалансирана. Тоа беа аргументите за доделување на одличјето COMPANYBEST 2023 кое го прими Завиер Мартине, подпретседателот на компанијата за маркетинг, продажба и операции.

Развојот на системите што им ја олеснуваат работата на возачите и ги спречуваат незгодите се „ангели чувари“ во сообраќајот. Таков е системот Lidar од третата генерација кој со помош на ласер детектира евентуални пречки пред возилата и координира повеќе системи за асистенција на возачот со што се избегнуваат несакани последици. Исто така, Lidar е една од основите на автономното возење.

Затоа му припадна одличјето SAFETYBEST 2023 на Valeo кое го прими неговиот творец Клемент Нувел. SMARTBEST 2023 се однесува на аплицирање на модерните производи што го олеснуваат користењето на автомобилите. Renault тоа го направи во новиот Austral чиј Android Automotive OS ги има вградено услугите на Google. Да се биде во куќата на славните на AUTOBEST претставува голема чест и привилегија. На годинешната гала беа инаугурирани три извонредни личности од автомобилската индустрија. Жан-Пјер Плуе неколку децении допринесува со неговите дизајни и потписник е на неколку иконски модели од разни марки.

Затоа ја освои блескавата титула DESIGNBEST 2023. Моментално е на позицијата главен директор за дизајн на Stellantis. За жал, поради обврските во групацијата во последен момент го откажа своето присуство, а наградата во негово име ја прими Бертран Блесе, првиот човек на групацијата Stellantis за комуникации. MANBEST 2023 е Артур Мартинс кој важи за една од највлијателните личности во автомобилскиот бизнис. Последниот подвиг е креирањето на трансформацијата на KIA каде беше глобален бренд директор. За жал тој неодамна ја напушти автомобилската индустрија.

Затоа присуството на Луи Швајцер беше изненадување дури и за присутните од Renault. Зад неговото име стои консилидирањето на француската марка на чие чело беше од 1992 до 2005 година. Во портфолиото на овој извонреден бизнисмен е запишано дека во својата кариера бил претседател на Астра-Зенека, директор на банката BNP Paribas, Electricite de France, Volvo L`Oreal како и подптретседател на надзорниот одбор на Philips Electronics.

Ова се факти кои го оправдуваат приемот на Луи Швајцер во куќата на славните на AUTOBEST. Годинешното врвно признание Best Buy Car of Europe 2023 му припадна на Renault Austral кој собра вкупно 14.937 поени од 31 членото жири.

Во образложението за овој избор стои дека „Тоа е најдобриот производ досега на францускиот производител, со материјали од високата класа, многу висок квалитет, извонредни возачки способности, импресивен дизајн и веројатно најдобро поврзаните технологии на автомобилите денес. Во него се вградуваат хибридните мотори E Tech, еден од нашите претходни добитници на наградата TECHNOBEST“.