Конкуренција на гигантите?
По најавата и покажаните скици дека ќе произведува луксузно спортско-корисно возило, Aehra го презентира прелиминарниот изглед и интериер на своето возило. Рака на срце, уште е далеку од сериско производство, но наскоро треба да биде презентиран прототипот кого со нетрпение го очекуваме.
Иако уште нема официјално име, спортско корисното возило возбудува со решениата што ги нуди. Уникатно делуваат четирите врати кои се отвораат на неконвенционален начин и дозволуваат лесен пристап во внатрешноста.
Таму доминра единствениот закривен екран што се протега по целата должина на арматурата. Овој екран има двојна функција и двојни дотерувања. Додека возилото е во движење ги проектира она што го прави секоја дигитална интрумент табла и многунаменски екран со приказ од камерите што ги заменуваат класичните ретровизори.
Но, кога возилото е паркирано екранот дополнително се подига и станува голем канцелариски монитор, конференциска сала или домашно кино. Ова не е единствен екран. Испод споменатиот се наоѓа уште еден екран осетлив на допир кој ги извршува функциите за инфотејмент системот.
Исто така, воланот има поинаква форма од онаа што сме навикнати да ја имаме и наликува на оној што Тесла го воведува во своите модели. Возачот и патниците ќе може да уживаат во просторната кабина благодарение на големото меѓуоскино растојание кое е куќиште на батериите. Подот на возилото е потполно рамен па преместувањето на патниците на задната клупа е лесно, а покрај тоа, може да се спуштат наслоните на задната клупа и патниците да се „испружат“ во текот на патувањето.
Иако многу ветува, Aehra е уште далеку од производство и се уште е на ниво на проектирање. Тоа е причината што нема никакви податоци за димензиите ниту за предвидениот погон и батериски комплет. Подготовката на прототипот ќе започне веднаш штом се договорат добавувачите на компоненти и се очекува во тек на 2023 да се покаже материјализираната верзија, а испораката на купувачите е закажана за 2025 година.

