ПРЕМИЕРА – Lamborghini Huracan Sterrato

Ламбо го напушта асфалтот!

Покрај Porsche и Lamborghini понуди спортски кросовер…

Неодамна Porsche ја претстави својата „теренска“ верзија на 911 со моделот Dakar. Сега и Lamborghini, како дел од групацијата VW се придружи со адекватен производ.

Тој се вика Huracan Sterrato и е издигната верзија на супер автомобилот која ќе се продава со почетна цена од 275.000 евра. Секако дека Sterrato не се очекува да се користи како серозен теренец туку само како крстосувач низ неасфалтираните и лоши патишта. Ако судиме според описот на производителот и името што му е дадено, тој е идеален модел за раскопаните скопски сообраќајници и македонската патна инфраструктура.

Кога веќе го споменавме името, тоа во превод од италијански значи „макадам“. Употребен е рецептот од Цуфенхаузен, односно Sterrato е издигнат од тлото за 44 мм во однос на Huracan EVO и e проширен. Како суплемент на ова е додаден Rally модус на возење, а направени со нови калибрирања за Strada и Sport модусите. Појавувањето на овој модел не треба да изненадува бидејќи тоа го бараат купувачите.

И тие ниту не се збунуваат пред фактот дека Lamborghini во своето портфолио нема ниту еден модел кој настапил на трка вон асфалтот, а уште помалку во тешки услови за возење на терен. Сепак овој потег на стратезите од Санта Агата ди Болоњезе треба да се гледа низ поинаква призма. Исто како германскиот братучед Porschе, кој веќе го направи тоа, и Lamborgini се подготвува да излезе на берзата, а валидатицијата на акциите во голема мерка ќе зависи од бројот на модели што ги произведува.

Предвидено е да се произведат мали количини и специјални едиции со што може да се постигнат високи цени и профити што се круцијални фактори за компаниите што излегуваат на берза. Сепак да се навратиме на основните автомобилски вредности. Испод хаубата Huracan Sterrato има 610 коњи кои ги генерира V10 моторот што го забрзува од мирување до стотка за 3,4 секунди, а максималната брзина му е електронски ограничена на 257 км/ч.

Производството на Sterrato, кој патем речено ќе биде во ограничена квота, ќе започне во февруари претстојната година и ќе заврши кога ќе се испорача последниот во предвидената низа од 1.499 примероци.

 

 

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER