Француски гени со ѕвезда
Mercedes повторно се враќа во сегментот со мала помош од Renault, но овој пат сака да се покаже со поголема независност. Т-класата е базирана на францускиот Kangoo и во Германија ќе чини нешто помалку од 30.000 евра во основната изведба со бензински мотор од 102 КС.
За разлика од кога беше претставен претходникот Citan, новата T-класа доби потполно независен лик, сега типичен за марката. Интериерно значително се разликува од францускиот близнак. Две лизгачки врати се користат за брз влез и излез или флексибилно товарење. Караванот со висок покрив долг 4,50 метри има хромирана решетка на ладилникот и куќишта на надворешните ретровизори и рачки на вратите обоени во бојата на возилото како стандард.
Неговите пропорции се избалансирани, а линиите се сведени на минимум. Во кабината има пет седишта, а кој има потреба од уште поголем волумен ќе мора да ја почека варијантата со долго меѓуоскино растојание, која ќе следи подоцна годинава со трет ред седишта и има вкупно седум места. Линиите на опрема Style и Progressive обезбедуваат индивидуализација лесно забележлива низ интериерот.
Иако низ Штутгард на големо се зборува за електрификацијата, Т-класата настапува со два дизел и исто толку бензински мотори. Дизелите се четири цилиндерски и повторно се чувствува францускиот ген. Нивната зафатнина е од 1,5 литри од кои се испорачуваат 95 и 115 КС. Бензинците пак, се 1,3 литарски со избор помеѓу 102 или 131 КС. Mercedes наведува дека според WLTP нормата потрошувачката е помеѓу 5,3 и 6,7 литри на 100 километри. За T-класа се подготвува електричен погон. Oваа варијанта ќе се вика EQT и најверојатно ќе дебитира кон крајот на годинава.


